Апелација ја укина првостепената осудителна пресуда која и беше изречена на Ангела Ѓорѓиевска за убиството на Пино Секондо, дознава „А1он“. За ова се уште нема потврда од второстепениот суд, од каде не одговараат на телефонските повици. Адвокатот Еленко Миланов кој ја застапуваше обвинетата пред Кривичниот суд, за „А1он“, вели дека го добил известувањето за укинувањето на пресудата. Тој вели дека судиите ги уважиле жалбите и утврдиле погрешно утврдена фактичка состојба, како и суштествена повреда на постапката. Тој засега не знае дали и натаму ќе ја застапува обвинетата Ѓорѓиевска, бидејќи странките до овој момент не му се обратиле.
Ангела Ѓорѓиевска доби 19-годишна казна затвор поради свирепото убиство на Пино Секондо. Судијката Ленка Давитковска ја прогласи за виновна, односно, дека помогнала во извршување на убиството кое се случи во 2018 година. Телото на убиениот Пино беше пронајдено неколку месеци по убиството, во април 2019 година, кај местото наречено Башинец, во атарот на селото Љуботен.
Во бегство и натаму е Фуркан Али, обвинет дека го извршил убиството, користејќи пушка која ја носел со себе во автомобилот. Тој се гони за кривично дело убиство, но е недостапен за органите на правдата.
Според обвинението, осудената Ѓорѓиевска го повикала Пинета Секондо – Пино и договорила да се сретнат на насипот во населбата Ѓорче Петров. Таму веќе бил пристигнат и Фуркан Али со возило „опел аскона“ носејќи со себе пушка. Тој го оставил возилото на насипот и седнал да управува со автомобилот „шкода“ со кое до насипот дошол Пино. На совозачкото место седнала Ѓорѓиевска, а Пино седнал на задното седиште.
Обвинителството тврди дека тројцата се упатиле по обиколницата кон атарот на селото Арачиново и во една нива почнале најпрвин вербална расправија, а потоа и тепачка. Во еден момент Фуркан Али со пушката го застрелал во главата убиениот Пино Секондо. Осудената Ангела Ѓорѓиевска придонела да се изврши убиството, така што овозможила Пино да се сретне со убиецот, иако знаела за нивната меѓусебна нетрпеливост.