УКИМ одбележува 70 години од почетокот на наставата по руски јазик

Од:

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ одбележува 70 години од почетокот на наставата по руски јазик. Јубилејот го организира Рускиот центар, кој од минатата година е во составот на УКИМ, со тридневна меѓународна конференција на тема „Рускиот јазик, литература и култура во Република Македонија: минато, сегашност и иднина“.

Ректорот на Скопскиот универзитет Никола Јанкуловски на отворањето на конференцијата рече дека во учебната 1946/47 година на тогаш новооснованиот Филозофски факултет почнал да работи Лекторатот по руски јазик за потребите на славистичките и на другите групи, а подоцна, рече, тој бил никулец од кој се формирала Катедрата за славистика.

Посочи на активностите со кои УКИМ ја негува русистиката, меѓу кои е отворањето на првиот Руски центар во Република Македонија во јануари 2016 година, кој е четврти во составот на Универзитетот, по Италијанскиот, Турскиот и Кинескиот центар.

– На 21 октомври минатата година се одржа и првиот час од бесплатните курсеви по руски јазик организирани од Рускиот центар. На отворениот конкурс беа пријавени повеќе од илјада кандидати, што за нас беше пријатно изненадување. И покрај огромниот број пријавени кандидати, се успеа да се најде и простор и време за да се отпочнат и завршат сите курсеви предвидени со програмата. Во февруари и јули оваа година им беа доделени и сертификатите по руски јазик на курсистите, рече Јанкуловски.

Директорот на Рускиот центар Велимир Стојковски истакна дека три датуми/години се важни во континуитетот на развојот на русистиката на Скопскиот универзитет и во Република Македонија: 1947 – кога почнал да работи Лекторатот по руски јазик; 1965 – кога Универзитетот го добил првиот лектор од матичната земја, тогаш СССР, и 2016 – кога на УКИМ се отвори Рускиот центар со поддршка на Фондацијата „Руски мир“ и Амбасадата на Руската Федерација во Македонија.

– Во изминатите години развојот на русистиката не беше праволиниски процес и тој се менуваше под влијание на пошироките случувања. Но без оглед што нејзиниот развој беше проследен со различни периоди и околности, таа секогаш се одржуваше благодарејќи на пожртвуваноста на наставничкиот кадар, нивната голема посветеност на студентите и заедничката љубов кон јазикот којшто го изучуваат, истакна Стојковски.

В.д. амбасадорот на Русија во Македонија Константин Берсенев на отворањето на конференцијата истакна дека УКИМ не само што станува авангарда на академското изучување на рускиот јазик во Македонија, туку и придонесува кај македонските државјани да се формира позитивна претстава за Русија и да се осознае нејзината илјадагодишна култура што, како што рече, е многу битно за зацврстување на руско-македонските односи.

Учесниците на конференцијата ги поздрави заменик-министерот за култура Владимир Лазовски кој рече дека Министерството се залага за понатамашно негување и унапредување на, како што рече, нашата традиционално одлична културна соработка.

Во светот денес 170 милиони луѓе зборуваат руски јазик, околу 350 милиони го разбираат, а надвор од својата земја живеат повеќе од 30 милиони на кои рускиот им е мајчин јазик.

Би можело да ве интересира

Вработените на петте јавни универзитети на мирен протест побараа потпишување на колективен договор и изедначување со УКИМ

Горан Наумовски

Ристов: Непочитувањето на колективен договор на УКИМ е кршење на принципот на владеење на правото

Ќе се зголемува школарината за студентите: Предлогот за поскапување испратен до студентските собранија

Орце Костов

Професори од УКИМ бараат пријавата против ректорката Ангелова да биде приоритет за Антикорупциска

Катерина Ѓуровски

Професори од УКИМ поднесоа пријава до Антикорупциска против рекорката Биљана Ангелова

Уписи на УКИМ – слободни 10 473 места за бруцоши на 23-те факултети