Првите сумарни оценки за секој ученик треба да бидат дадени до 20 ноември, според препораките на Бирото за развој на образованието и Државниот просветен инспекторат од пред еден месец кога беа објавени и упатства за наставниците од БРО и Министерството за образование и наука за начинот на следење и оценување на учениците во услови на пандемија.
Според МОН, со упатствата наставниците имаат јасно утврдени насоки со кои ќе се заштити квалитетот на процесот на формирање на оценката. МОН и БРО апелираа до наставниците да го приспособат оценувањето на учениците согласно со учењето на далечина, но во случаите каде што од различни причини не може да се формира оценка онлајн, треба да се организираат индивидуални средби со ученици.
За објективното оценување на знаењето што ученикот го стекнал, постои опцијата да се организира проверка со физичко присуство, под строги протоколи, посочи и министерката Мила Царовска во интервју за МИА минатата недела.
– Најголем дел од наставниците, оние кои веќе им предавале во изминатите години на едни исти ученици, тие веќе знаат и препознаваат кој колку се заложува. Предизвиците за оценување се поголеми кај учениците од прво одделение, од шесто одделение и од прва година во средното образование. Верувам дека наставниците знаат да препознаат заложба, пораст на заложбите и да дадат стимулација и, согласно со тоа, да ги оценат учениците, рече Царовска.
Во упатствата од Бирото на наставниците им се препорачува при формирањето оценка да задаваат автентични задачи кои ја елеминираат можноста за готови одговори од наставните материјали или од други извори на информација, а во задачите со кои се проверува познавањето и разбирањето на фактите треба да се обезбеди контрола на времето за решавање на задачите.
Наставникот може да направи табела за докази/продукти што ученикот ќе ги прати како дел од електронското портфолио што ќе се оценува. Китериумите за оценување, начинот на достава и роковите за достава треба да бидат јасно комуницирани со учениците и родителите.
-Учењето во виртуелна училница е во некои аспекти предизвик, но е истовремено можност да се направи исчекор во оценувањето – да се стави акцент на посложените когнитивни процеси, односно на издвојување, разбирање, анализа и помнење на она што е навистина важно, наместо усвојување фактографско знаење. Ова е, впрочем, и цел на образованието и на реформите кои ќе следуваат, нагласи МОН.