Судијката Елена Илиевска Јосифовиќ ќе им суди на Анџело Ѓорѓиевски од Волково, Клементина Лефковска од Драчево и Андреј Костовски од Ново Село за убиството на ракометарот Денис Тот пред ноќен клуб во Скопје. Првото подготвително рочиште е закажано на почетокот од септември, кога обвинетите ќе бидат донесени од затворот „Скопје“ во Шутка и ќе седнат на обвинителна клупа.
Илиевска Јосифовиќ е судијката која донесе условна казна за возачот кој во сообраќајката кај „Млечен“ поминувајќи на две полни линии, усмрти маж, а неговата сопруга имаше тешки повреди и го изгуби плодот. Таа беше пријавувана и кај Советот за утврдување факти и покренување одговорност за судија поради сомневање за несовесно и нестручно работење. Судијката Илиевска – Јосифовиќ е посочена во извештајот на Стејт Департментот за Македонија, во 2017 година, како една од судиите преку која се прават политички манипулации во Кривичниот суд.
Сега, таа ќе треба да им пресуди на тројцата обвинети за убиството на Денис Тот. Обвинителството за овој случај соопшти дека обвинетите заедно го лишиле од живот сега починатиот.
„Обвинетите, на 7 април, пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје, заеднички го лишиле од живот оштетениот Денис Тот. По кратка расправија, сите тројца му нанеле повеќе удари и тешки телесни повреди од кои кај оштетениот најпрвин настанала коматозна состојба, а следниот ден починал“, велат од Обвинителството.
„А1он“ објави и детали што се случувало кобната вечер и зошто е убиен Тот. Од дружба и пиење во диското, до смртоносни боксови и клоци. Ракометарот Денис Тот од дискотеката излегол во друштво со осомничните за неговото убиство по три часа забава. Тие имале резервација, пиеле виски и Ред бул, немало расправии ниту индиција дека нешто ќе се случи. Внатре влегле околу триесет минути по полноќ, а излегуваат околу 3 часот и 30 минути по полноќ.