Дваесет и петгодишен сопственик на фирма во Скопје е уапсен за даночна измама од 100.000 евра, соопшти Финансиската полиција.
„Финансиската полиција ја продолжи акцијата започната пред десетина дена при што уапси уште еден измамник кој без никаква деловна активност ја олеснил Управата за јавни приходи за 100.000 евра“, соопшти полицијата.
Уапсениот М.Х. (25) од Скопје, преку фирмата „Север Компани“, во која бил пријавен како управител и преку фирмата „Алмес Трејд“, управувана од турски државјанин, ја измамил Управата за јавни приходи и издејствувал поврат на наводно влезно ДДВ при што од касата на државата си подигнал 100.000 евра.
Тој во текот на 2012-2013 година потпомогнат од лицето С.Џ. (37) ја искористил фантом фирмата „Север Компани“ од Скопје, која во конкретниот период немала никаква деловна активност и до Управата за јавни приходи доставил фалсификувани ДДВ пријави во кои прикажал невистинити податоци за влезниот промет, за наводно извршени набавки на стоки и услуги за кои не постои никаква документација.
Истата шема М.Х. ја применил и со фирмата „Алмес Трејд“, во која како управител се јавува извесен М.К. (43) државјанин на Република Турција.
И за оваа фирма која исто така била наменски отворена за вршење на криминални активности, пријавените за периодот 2012-2013 година изготвиле фалсификувани ДДВ пријави со кои ја измамиле УЈП во однос на влезното ДДВ кое е предмет на поврат.
Тројцата пријавени ја оштетиле Република Македонија за сума од приближно 100.000 евра заради што до Основното јавно обвинителство против нив е поднесена кривична пријава за кривични дела „измама“, „помагање“ и „фалсификување и уништување деловни книги“.
На М.Х. Основниот суд Скопје му изрече мерка притвор во траење од 30 дена.