Нова герила-кација во центарот на Скопје. Поставена е огромна ножица на почетокот на булеварот „Партизански одреди“ на која пишува „Уа шнајдери“.
Под ножицата, која е симболички протест за распределбата на средства во годишната програма за култура, е испишан следниот текст: „Двапати мери, еднаш сечи. Културата мора внимателно да се крои за да не биде после унакажана, монтирана лепена и сечена. Културата не може и не смее да биде монета за поткусурување и пеглање на партиските интереси, политикантите и апетитите на поединците. Културата е жива метрија и несмее да биде умртвувана заради „повисоки интереси“.
Во текстот пишува дека концептот култура за сите не значи дека сите витални чинители на културата во Македонија треба да бидат еднакво незадоволни. „Недозволиво е организации стари 10 дена да имаат предност над културното наследство старо 10 века. Сите присутни во националната стратегија за култура треба да се пресликуваат во годишните програми, а не да се изоставаат на страна“, пишува на таблата.
Васко Маглешов