На Васил Тупурковски по трет пат ќе му се суди за случајот „Тајванските кредити“. Процесот повторно ќе започне во скопскиот Кривичниот суд, откако Апелација ја укина ослободителната пресуда.
Со ова предметот „Тајвански кредити“ се враќа на повторно судење.
Обвинителството ги товари Тупурковски и Андонов за злоупотреба на службена положба и овластување, односно дека со одобрување на средства (договори кои биле склучени со 8 фирми) од тајванските кредити ја оштетиле државата за 172.304.092 денари.
Предметот инаку веќе еднаш беше вратен на повторно одлучување откако Апелациониот суд ја укина првостепената пресуда на Основниот суд 1, со која Тупурковски беше осуден на казна затвор во траење од 3 години и надомест на штетата на Република Македонија во износ од 89.008.917,00 денари. Јован Андонов беше осуден на казна затвор од 2 години. Солидарно беа осудени да и го надоместат износот од 61.992.398,00 денари на Република Македонија и да ги платат трошоците за кривичната постапка.
Пресудата донесена од страна на судијата Јани Нича беше укината поради утврдување на повреди во постапката. Жалбата на ЈО за гонење на организиран криминал и корупција беше отфрлена како беспредметна.