Советодавното тело за употреба на имиња на историски личности на здруженија ќе почне со работа наскоро, ние како држава мора да бидеме подготвени за идни потенцијални провокации, изјави министерот за правда Никола Тупанчески одговарајќи на новинарски прашања по завршувањето на првиот академски час на Правниот факултет.
– Комисијата е формирана и на последната седница, разговаравме околу некои технички аспекти. Тоа не е комисија во рамки на Министерството за правда, туку тоа е владина комисија. Јас верувам дека за кратко време ќе биде одржана конститутивната седница бидејќи имињата се познати. Таа комисија би требало да почне со работа, односно да биде на ниво на задачата која е поставена пред нив. Доколку сакаме да направиме некакви ретроакции, моето мислење и како професор и како министер за правда е дека тоа треба да го направиме преку други институции. Кога станува збор за оваа хиперсензибилна сфера тогаш постојат и други институции каде што на некој начин би требало да се санкционира евентуалниот говор на омраза, негативните чувства. Сето тоа е содржано во Кривичниот законик – рече Тупанчески.
Ова ад хок тело, според министерот е формирано со цел да се бајпасира вакумот кој би настанал до донесувањето на новиот закон за здруженија и фондации кој е во фаза на подготовка.