Директорот на „Плодност“, д-р Таше Трпчевски преку порака на фејсбук страницата на болницата информираше дека тројца од персоналот се позитивни на коронавирусот.
Трпчевски вели дека заразени се двајца доктори, анестезиолог и гинеколог и една медицинска сестра. Анестезиологот и медицинската сестра само еден ден имале температура и блага кашлица, а сега се здрави.
Доктор Трпчевски информира дека гинекологот, кој е од Прилеп е асимптоматски носител. Токму поради тоа Трпчевски апелира до министерот Венко Филипче да ги остави препораките од СЗО, да се тестираат само симптоматските пациенти и оние со позитивн епидемиолошка анамнеза.
– На тој начин ќе се намали бројот на асимптоматски носители на вирусот кои сега слободно шетаат низ градот и се потенцијални вирусоносители. Тие се најопасните за околината. Многу полесно е кога ќе го откриете заразениот. Има многу повеќе заразени во Македонија отколку што се детектирани. Ни фали тестирање. Не знам зошто немаме масовно тестирање, додава Трпчевски.