Трогателно сведоштво: „Изигрував медицинска сестра, болничар и доктор во тетовската болница, но татко ми не го спасив“

Од:

„Алармот ми беше наместен на два часа. Имаше ноќи кога бев сама, во соба со неколку пациенти, на кои им јас им бев и медицинска сестра, и болничар и доктор. Менував катетри, ставав кислород, викав доктори кога некој умираше, само за да потврдат смрт. Го доживеав дното на животот, а својот родител не го спасив“.

Вака, за „А1он“, сведочи лице чиј најблизок бил хоспитализиран во тетовската болница поради Ковид-19, а еден месец, таа буквално живеела во тетовската болница како придружба на својот родител, кој ја губел битката со смртоносниот вирус.

Нашиот соговорник детално опиша низ што се минувале пациентите, здравствениот кадар и нивните најблиски во тетовската болница во последниве месеци, кога имаше наплив од пациенти заразени од коронавирусот.

За жал, нејзиниот најблизок ја зaгубил битката со коронавирусот, пред неколку месеци. Во средата, пак, во тетовската модуларна болница избувна пожар каде животот го загубија 14 луѓе, од кои двајца биле придружба на болните од Ковид-19.

Според сведоштвата, наспроти тврдењата на надлежните, да се биде придружба на дел од хоспитилизараните било дозволено. Tие таму минувале денови и ноќи помагајќи на секој што можат, не затоа што здравствениот кадар не сакал, туку, како што сведочат тие, едноставно не можел да се справи со напливот од новозаразени со потешка клиничка слика.

„Персоналот не е виновен. Имаше две сестри и еден доктор, а постојано имаше смртни случаи. Тие не се виновни, се трудеа колку што можат. Виновен е системот“, сведочи нашиот соговорник.

Траумите ќе се носат цел живот – моментите кога семејството се збогува од своите најблиски, кога веќе се знае дека нема помош против смртоносниот вирус, моментите кога на хоспитализираните им се вели „сега ќе ви ја средиме косата, зошто набрзо ќе си одите дома“, а всушност се знае дека својот дом нема повеќе да го видат.

Иако министерот за здравство Венко Филипче изјави дека посети во ковид-центрите биле забранети, а координаторот во ковид центарот во Тетово, д-р Гзим Нуредини рече дека „посетите се казниви“, сведоштвата на луѓето го говорат спротивното – во недостиг на кадар, токму овие луѓе се грижеле за своите најблиски.

„Еднаш беше најавена инспекција и ни кажаа да се тргнеме еден час, да не не видат. Знаеја дека сме со нашите најблиски во болницата, но понекогаш повеќе им одговараше блиските да бидат тука, за да ги пресоблечат и да ги надгледуваат. Некои имаа посети, а некои беа оставени на милост и немилост. Оние со врски, добиваа и различни, подобри терапии“, велат тие.

Ова прашање се отвори дури по избувнувањето на пожарот во средата, а Нуредини изјави дека испратиле известувања до раководители на одделенија дека не се дозволува посета на блиски.

Сепак, сведоштвата говорат дека ова било правило, а не исклучок, и дека семејствата на пациентите со денови и со ноќи седеле покрај своите блиски.

„Имаше еден пациент, млад, а неговата сопруга постојано се грижеше за него. Една вечер, таа колабираше од замор, ѝ ставија инфузија и таа продолжи со грижата околу него. Еден ден кога влегов во болницата, видов паркиран автомобил и внатре ставаа тело. Прашав за кого се работи, и ми кажаа дека човекот починал“.

На нашето прашање што би требало да се смени во начинот на третирањето на болните од Ковид-19, од оние кои биле придружба на своите најблиски во тетовската болница, го добивме истиот одговор:

„Достапен доктор! На Инфективната клиника немаше дефибрилатор, нема ехо, има едно ЕКГ од времето на Југославија и тоа е се. Количките за до тоалет се со измет, недостигаат болничари, а ако некој почине, а нема роднини, го оставаат во ходник, покриен со чаршав, додека некој не се јави да го побара. Една женичка седеше така од ноќта кога почина до 21 часот наредниот ден“, сведочат нашите соговорници.

Болеста е ужасна, тврдат тие, но додаваат и дека поголемата организираност на национално ниво, би довело и до помал број жртви од Ковид-19.

Би можело да ве интересира

Трето рочиште за завршни зборови во судскиот процес за модуларната болница во Тетово

Катерина Ѓуровски

Електричната инсталација во модуларната во Тетово не била по прописите, ја инсталирале двајца вработени во болницата сведочеше вештак

Ана Ололовска

Продолжува судењето за пожарот во модуларната болница во Тетово

Ана Ололовска

Се бара слобода за докторот обвинет за пожарот во модуларната болница, рочиштето одново се одложи

Кристијан Ландов

(ВИДЕО) Прво судење за изгорената болница: Едниот директор не дојде на судење, другиот не чувствува вина

Кристијан Ландов

Ексдиректорот на тетовската болница еден од обвинетите за пожарот: Апсолутно не гледам вина кај мене

Кристијан Ландов