Во среда ќе биде одбележана 13-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, кој беше парафиран на 10 август во Охрид 2001 година.
Преговорите, кои започнаа во Скопје, а потоа продолжија во Охрид, завршија со парафирање на документот во Охрид, кој три дена подоцна беше потпишан во Скопје. Со Охридскиот рамковен договор се стави крај на воениот конфликт во Македонија во 2001 година и се постави рамка за меѓуетнички соживот.
На 13. август 2001 година во претседателската резиденција на Водно во Скопје Рамковниот договор го потпишаа тогашниот претседател на Република Македонија Борис Трајковски, поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Љубчо Георгиевски, претседателот на ПДП Имер Имери и тогашните претседатели на СДСМ Бранко Црвенковски и на ДПА Арбен Џафери.
Потписници на договорот, во својство на гаранти, беа и специјалните претставници на ЕУ и САД, Франсоа Леотар и Џејмс Пердју, кои учествуваа во преговорите.
Преговорите за Охридскиот рамковен договор почнаа во Скопје, а потоа продолжија во Вилата „Билјана“ во Охрид во јули и во август 2001 година. Покрај потписниците во разговорите учествуваа и Хавиер Солана, тогашен висок претставник на ЕУ за безбедносна и надворешна политика и Питер Фејт, претставник на САД, како и повеќе правни експерти, меѓу кои професорите Владо Поповски и Љубомир Фрчковски.
По повод годишнината од потпишувањето на договорот, Секретаријатот за спроведување на Охридскиот рамковен договор во среда ќе организира трибина на тема: „Втора декада Охридски рамковен договор – потреба и обврска на патот кон евроинтеграција?“, на која се поканети да учествуваат експерти, учесници во разговорите и други гости од земјата и од странство.