Триесетина наши граѓани од Авганистан пристигнаа во Скопје

Од:

Триесетина наши граѓани кои по евакуацијата од Авганистан беа сместени во воената база на САД во Доха, Катар, по успешниот трансфер во Истанбул, Турција, вечерва пристигнаа на Меѓународниот аеродром во Скопје.

Како што изјавија двајца од нив, тие работеле во воена база во близина на аеродромот во Кабул и биле навремено извлечени од таму прво во Доха, каде со помош на нашиот амбасадор Шабан Јашари во овој град успеале да заминат за Истанбул, а од таму во Скопје.

– Евакуацијата помина во ред. Не евакуираше американската армија од Кабул до Катар, потоа натаму нашиот амбасадор Шабан Јашари го направи невозможното за да не извлече од воениот аеродром. Поради короната имаше други административни процедури и во рекордно време не извлече на цивилниот аеродром во Катар, од каде летавме до Истанбул и од Истанбул до Скопје, изјави Газменд Арифи, еден од оние кои беше во оваа група од триесетина лица.

Тие, според него, немале проблем со Талибанците бидејќи во базата каде што биле имало американски, турски и азербејцански трупи и се било под контрола, но кажа дека исто така се сретнале со цивилно население кое сакало да замине од Авганистан.

Арифи рече дека биле малку загрижени поради ситуацијата, но повтори дека се било под контрола, како и дека тие биле свесни каде се наоѓаат.

-Не сме виделе Талибанци внатре, рече тој, посочувајќи дека таму заминале преку „Еколог“ и биле сервис на целата база.

Мехмед Реџепи, кој во Скопје пристигна со истиот лет и кој исто така преку оваа компанија заминал да работи во американската база во Кабул рече дека немале контакт со Талибанците и оти сигурно и безбедно пристигнале од Кабул до Катар и од таму во Истанбул и сега во Скопје.

На координативниот состанок што се одржа попладнево во Владата од Министерството за надворешни работи информираа дека сите македонски граѓани се безбедно евакуирани од Авганистан и оти се очекува многу скоро да пристигнат дома во Северна Македонија.

Би можело да ве интересира

Авганистан: Талибанците со закон им забранија на жените да зборуваат јавно

Авганистанска брачна двојка си ја уби 15 годишната ќерка во Германија: Брутално претепана и удавена

Во и поплавите во Авганистан загинаа најмалку 50 лица

Тројца шпански туристи загинаа во Авганистан

Горан Наумовски

Девет деца загинаа откако експлодираше нагазна мина во Авганистан

Силен земјотрес го погоди Авганистан