Трибина: Сиромашното домување негативно влијае на развојот на поединецот

Од:

Домувањето, можностите за домување, проблемите со кои се соочуваат бездомниците, како и потребата од решенија за сиромашното домување со кое во Македонија се засегнати голем број граѓани беше тема на трибината „Домувањето е право“ што синоќа се одржа на Архитектонскиот факултет во Скопје во соработка со уличното списание „Лице в лице“.

Форумот го отвори професорот Митко Хаџи Пуља, кој вели дека просторот, архитектурата, палатите што ги гледаме секогаш почнуваат да се создаваат од потребите на единката, на обичниот човек, потреба да се има простор и да се биде заштитен.

– Една од првите вежби со која почнуваат нашите студенти да му пристапуваат на просторот, исто така, е и од аспект на меморијата. Простор во кој се чувствуваме пријатно, и кој како да е дел од нас – нуди меморија. Но, исто така, ги учиме дека и во најмалото живеалиште треба да има достоинство, и дека во скромноста се крие длабочината на пространото искуство, рече Хаџи Пуља.

Професорката Весна Димитриевска од Филозофскиот факултет пред присутните даде преглед на сиромашното домување, како и профил на сиромашните семејства во земјава, тематика на која таа работи како научник од оваа област.

Марина Матеска координаторка на Одделот за социјално – хуманитарна дејност од Црвениот крст на Град Скопје објасни дека иако ни се потребни и долгорочни решенија, потребен е пристап кој ќе ги решава ургентните проблеми.

– Во ситуациите „овде и сега“ најмногу ни е потребна поддршка. Потребни се преноќувалишта, особено за зимскиот период, рече Матеска и ја потенцираше акцијата „Разбудете се хумани“, која со помош на граѓани, компании и Црвениот крст, реконструира домови на две семејства во Скопје.

Лилјана Алчева, модераторка на трибината и заменик директор на „Хабитат Македонија“ потенцираше дека во јавноста многу малку се зборува за домувањето.

– Со цел да се стави акцент на оваа тема ја покренавме и оваа трибина, заедно со „Лице в лице“, за да ги истакнеме проблемите на сиромашното домување со кое во Македонија се засегнати голем број на граѓани. Сметаме дека е посебно значајно што прв пат се организира една ваква дебата за домувањето, и дека ова ќе биде само почеток на поинтензивно разгледување на пречките и предизвиците со кои се соочуваат овие семејствата. Сиромашното домување негативно влијае на развојот на поединецот, заедницата и општеството, нагласи Алчева.

Трибината беше дел од настанот „Дом, за да не ни тежат облаците“, кој опфати и доделување награди за најдобрите продавачи на „Лице в лице“ и за учесниците на конкурсот „Мојот дом“, како и изложба.

На наградените продавачи, „Хабитат Македонија“ ќе им овозможи реконструкција на одреден дел од нивното живеалиште, со цел подобрување на нивните услови за домување.

Присутните имаа можност да ја погледнат и изложбата на студентите од прва година на Архитектонскиот факултет, насловена „Моментни живеалишта“ која прави истражување на генезата на архитектонската форма на пример на еднократно засолниште за еден човек.

Изложените дела, кои можат да се погледнат и во текот на следнава недела, Архитектонскиот факултет ќе ги подари на „Лице в лице“, и тие го одбележуваат и почетокот на соработката помеѓу овие две институции.

Инаку, продавачите на „Лице в лице“, веќе го имаат новиот број на уличното списание кај нив, а граѓаните можат да ги најдат на повеќе локации низ Скопје (Градскиот трговски центар, во „Сити мол“, на плоштадот Македонија, во Дебар Маало…), додека продажбата во Битола, Охрид, Стуга и во Неготино ќе започне од наредната недела.

„Лице в лице“ е улично списание, единствен модел во земјава кој го промовира и социјалното претрпиемаштво како алатка за излез од сиромаштијата и социјалната исклученост. Половина од продажната цена на списанието (кое чини 100 денари) е директна поддршка за продавачот.

Би можело да ве интересира

Македонија се вклучува во одбележувањето на Меѓународната недела на продавачи на уличен печат

Ана Ололовска

„Лице в лице“ со познатите и со продавачите

Емир Латифовиќ