Три медали за Македонија на Балканска олимпијада по информатика во Молдавија

Од:

Македонските средношколци освоија еден сребрен и два бронзени медали на 25-та Балканска олимпијада по информатика (БОИ 2017), што од 2-ри до 8-ми јули се одржува во Кишињев, Молдавија.

Овој резултат претставува повторување на најголемиот успех за Македонија на сите досега одржани Балкански олимпијади.

Македонскиот тим на овој натпревар во програмирање е составен од учениците Владимир Максимовски, Мартин Динев, Филип Михов и Марко Ќаласан, предводени од д-р Марија Михова и м-р Емил Станков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).

Главен организатор на БОИ 2017 е Министерството за образование на Република Молдавија, а учествуваат вкупно 41 од најдобрите средношколци во областа на информатиката, избрани преку годишните национални натпревари во програмирање на следните балкански земји: Босна и Херцеговина, Бугарија, Кипар, Грција, Македонија, Молдавија, Црна Гора, Романија, Србија, Словенија и Турција.

Дополнително, како претставници на земја-гостин на БОИ, во неофицијална конкуренција учествуваше и тим од Италија. Во оваа конкуренција, сребрениот медал за Македонија го освои Владимир Максимовски, ученик во ПСУ „Јахја Кемал“ – Бутел, Скопје, додека бронзените медали ги освоија Мартин Динев, ученик во СОУ „Никола Карев“ – Струмица и Филип Михов, ученик во СУГС „Орце Николов “ –
Скопје.

– Среќен сум што со повеќегодишна упорна работа успеавме да го издигнеме квалитетот на македонските претставници на престижните интернационални натпреварувања на ниво да се рамо до рамо со најдобрите репрезентации, особено земајќи ја предвид големината на нашата земја. Македонија, од земја која пред десетина години беше аутсајдер на ваквите натпреварувања сега е почитуван член на заедницата со завидни резултати, изјави претседателот на Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ) Миле Јованов. Тој повторно е избран за претседател на Балканската олимпијада по информатика со нов тригодишен мандат.

Поддржувачи на македонските средношколци на БОИ 2017 се Агенцијата за млади и спорт, Фондацијата Телеком за Македонија и Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).

Следната, 26-та Балканска олимпијада по информатика (БОИ 2018) ќе се одржи идната година во Романија.

Би можело да ве интересира

Македонски ученици освоија три бронзени медали на Интернационалната олимпијада по информатика

Ана Ололовска

Бронзен медал за македонските млади информатичари на Европската јуниорска олимпијада по информатика одржана онлајн во Грузија

Ана Ололовска

Два освоени медала на 13. Јуниорска балканска олимпијада по информатика

Ана Ололовска

Балканска олимпијада во информатика во Скопје

Ана Ололовска

Во Штип „DigiGirlz“ караванот на Мајкрсофт Македонија

Ана Ололовска

„DigiGirlz“ – можности девојките да станат дел од ИТ-светот

Ана Ололовска