Три медали за Македонија на 21. Балканска олимпијада по информатика

Од:

Средношколците Климент Серафимов, Бојан Серафимов, Васил Кузевски, Филип Беџовски и Росица Дејановска придружувани од м-р Миле Јованов и д-р Емил Станков од Факултетот за информатички технологии и компјутерско инженерство ја претставија Македонија на 21. Балканска олимпијада по информатика што пред неколку дена се одржа во Сараево. Освоија еден сребрен и два бронзени медали.

– Ова е досега најголем успех постигнат од македонски ученици на натпревар по информатика. Учениците во конкуренција на свои врсници од 10 балкански земји покажаа и докажаа дека и во Македонија има потенцијал и оти имаме исклучително интелигентна младина. Докажаа дека нашиот образовен систем е квалитетен и треба да се развива и понатаму. Само со учење и упорност може да се стигне до индивидуален и колективен успех, рече на денешната прес-конференција министерот за образование и наука Спиро Ристовски.

Овие ученици пред два месеца, како дел од македонскиот тим на информатичари, се вратија со бронзен медал од 25. Интернационална олимпијада по информатика во Бризбејн, Австралија.

Според Ристовски, нашите информатичари се млади луѓе кои имаат визија и знаат дека иднината е токму во оваа дисциплина. Потсети дека информатиката на Македонија во последните четири години и донесе шест медали од интернационални олимпијади и 22 медали од балканските олимпијади.

– Како Влада продолжуваме и понатаму да инвестираме во подобро и поквалитетно образование, за интезивно воведување на информатиката како задолжителен предмет во училиштата. Дополнително и проектот „Компјутер за секое дете“, како и изучување на информатичката технологија и ракување со компјутери од најрана возраст, рече Ристовски.

Заменик-министерот за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска оцени дека постигнатиот успех на учениците е нова потврда за знаењата кои ги поседуваат од областа на компјутерските науки, но истовремено и потврда за вложувањата на Владата во развојот на информатичкото општество.

– Под менторство на професорите од Здружението на информатичари, нашите олимпијци посветија многу часови на анализа на проблеми, дизајн на алгоритми и податочни структури, програмирање и тестирање, рече Арсовска Томовска.

Росица Дејановска, која е студент во прва година на ФИНКИ и програмира веќе четири години, истакна дека интересот на средношколците за натпреварите по математика и информатика постојано расте.

Учениците за постигнатиот успех добија благодарници, како признание од Владата и МОН.

Би можело да ве интересира

МОН: Поради голем интерес до 25 декември може да се аплицира за финансиска поддршка за учениците

Осум важни достигнувања за осум години: Иновации на Бреинстер што го менуваат образованието

Горан Наумовски

Септемвриските плати во основното и средното образование ќе бидат повисоки за 15 oтсто

МОН ветува – ниту еден наставник нема да биде отпуштен, ниту ќе добива помала плата

А1он

Егзодус во Прилеп: 300 деца отпишани од училиште за шест месеци поради селење во странство

Катерина Ѓуровски

Усписите на ученици во средно образование во две пријавувања во јуни

Ана Ололовска