Три четвртини од граѓаните преземаат мерки за сајбер безбедност, најмногу загрижени за злоупотреба на личните податоци

Од:

Приближно три четвртини или 72,5 отсто од граѓаните во државата преземаат мерки на безбедност при користење интернет на нивните уреди. Осумдесет проценти од нив користат анти-вирусна програма, најмногу оние со повисок степен на образование, мажите од жените, како и оние на возраст од 35 до 55 години.

Ова го покажуваат денеска објавените резултати од анкетата за јавно мислење на граѓаните на Националниот центар за одговор на компјутерски инциденти MKD-CIRТ при Агенцијата за електронски комуникации, споведена во периодот од 20 октомври до 6 ноември минатата година со употреба на CAPI метода – теренско анкетирање со помош на компјутер, на примерок од 1400 испитаници.

-Приближно три четвртини или 72,5 отсто од испитаниците се изјасниле дека преземаат мерки на безбедност при користење на нивните уреди. Најголем дел или 80,0 проценти од испитаниците кои преземаат мерки за безбедност, користат анти-вирусна програма. Доколку се земат сите испитаници во предвид, 58 проценти користат антивирусна програма, се вели во информацијата од АЕК.

Најголем дел или 86,5 отсто од испитаниците ги ажурираат програмите, апликациите и оперативните системи на нивните уреди. Помладите испитаници и оние со повисок степен на образование, во поголем процент вршат ажурирање на нивните уреди.

Во однос на ажурирањето, како што се наведува во анкетата, кај повеќе од една третина или 37,1 проценти уредот е постојано вклучен на auto-update, додека околу 45 отсто, ги прифаќаат ажурирањата откако целосно или делумно ќе ги прочитаат условите.

Нешто повеќе од три четвртини или 78,6 проценти од граѓаните користат лозинка за пристап на уредите што ги користат. Ова е повеќе случај кај помладите и кај оние со повисок степен на образование. Околу 20 проценти не можат, односно не знаат да препознаат сигурна лозинка.

-Приближно половина од испитаниците, 48,4 проценти, ги помнат лозинките и не ги запишуваат, додека околу една третина ги запишува физички во тетратка или пак ги чува во компјутер или мобилен телефон. Дополнително, 15 отсто од испитаниците ја чуваат лозинката за најава на веб-прелистувачот, покажува анкетата.

Испитаниците најмногу користат интернет на нивниот мобилен уред, околу 99 проценти, и на компјутер 75,4 проценти, при што повозрасните и оние со понизок степен на образование, помалку употребуваат компјутер и друг вид на уреди за пристапување на интернет како што се таблет и телевизор.

На мобилен телефон, интернетот најмногу се користи за социјални мрежи – 89,7 проценти и онлајн комуникација и видео повици – 46,1 проценти, за забава интернет на телефонот користат 51 проценти од граѓаните, додека 60,6 проценти користат е-банкинг.

-Злоупотребата на личните податоци најмногу ги загрижува испитаниците при користење на интернет активности, одговор кој го дале нешто повеќе од половина или 53,4 проценти. Неможноста за физичка проверка на производите е втор најважен фактор кој предизвикува загриженост кај испитаниците, одговор кој го дале 48,1 отсто од нив, додека безбедноста при онлајн плаќање предизвикува загриженост кај 40,1 отсто од испитаниците. Приближно 11 отсто од испитаниците ништо не ги загрижува при користење на интернет за активности како купување на производи или ебанкинг, се вели во резултатите од анкетата.

Како што се наведува, постојат одредени разлики во факторите кои предизвикуваат загриженост во врска со користењето на интернет во поглед на возраста и степенот на образование, имено помладите и повозрасните испитаници се помалку загрижени, исто како и оние со понизок степен на образование во споредба со оние со повисок степен на образование.

Анкетата е спроведена преку теренско анкетирање и претставува репрезентативен примерок на ниво на целата држава во однос на регион, пол, возраст и ниво на образование согласно податоците добиени од последниот попис на населението од Државниот завод за статистика извршен 2021 година.

Би можело да ве интересира

Владата ќе плати десет милиони евра повеќе за безбедност на интернет: Избрана компанија која не понудила најниска цена

Орце Костов