Фондот за здравствено осигурување на Македонија изминатиот месец направи контрола и утврди неправилности во работењето на три бањи (Катлановска бања, Дебарски бањи-Цапа, Цар Самоил-Банско) со кои Фондот има склучено договор за специјализирана медицинска рехабилитација.
Ова денеска на прес-конференција го истакна директорот на Фондот, Маја Парнарџиева Змејкова која рече дека контрола била извршена и во Негорски бањи, но единствено кај нив не се утврдени неправилности во работењето. Ова директно ги засега осигурениците кои во 2013 година биле во тие бањи, посочи таа, бидејќи неосновано, незаконски од нивниот џеб им се наплатувало за користење на надстандардни услуги, а користеле стандардни услуги.
– Фондот ги задолжи трите бањи во кои се утврдени направилности во следните три месеци на сите 2.000 осигурениците кои биле во тие бањи да им се вратат парите. Тоа се околу 11 милиони неосновано наплатени од осигурениците само за 2013 година и проекција од дополнителни 4 милиони денари за до април. Дополнително ќе има и парична казна за нив, што е најмал проблем бидејќи доколку не ги испочитуваат насоките од Фондот ќе следи и раскинување на договорите, рече Парнарџиева Змејкова.
Таа појасни дека она што Фондот дозволува да биде наплатено од страна на бањите за осигурениците е партиципацијата која изнесува 200 денари на ден.
– Констатиравме на терен дека покрај тие 200 денари на ден, на осигурениците им било наплатувано: Во Катлановска бања и 200 денари за користење на термоминерална вода што е недозволено, и дополнително 50 или 150 денари на ден за користење на надстандардна соба за која осигурениците морале да потпишат изјава не знаејќи дека де факто биле сместувани во стандардна соба, истакна Парнарџиева Змејкова.
Посочи дека стандардна соба, како што во правилникот на ФЗОМ и во договорите со бањите е јасно дефинирана, е дека е двокреветна, трокреветна соба, а надстандардна е само еднокреветна соба.
– Во Катлановска бања доколку осигуреникот бил на рехабилитација 21 ден наместо да плати 4.200 денари, плаќал 11.500 денари или неосновано 7.300 денари дополнително. Во Бања Банско наместо 200 денари на ден односно 4.200 денари ако биле 21 ден на рехабилитација, тие наплатувале дополнително за надстандардна соба плаќале од 250 до 300 денари односно вкупно 10.500 денари наместо 4.200 денари. Во Дебарски бањи наплатувано е за надстандрдна соба, а осигурениците користеле стандардни соби и им биле наплатувани дополнително 6.300 денари, потенцира Парнарџиева Змејкова.
Упати апел до секој осигуреник кој во 2013 година бил со решение преку лекарските комисии на Фондот за специјализирана медицинска рехабилитација во некоја од Катлановска бања, Дебарски бањи-Цапа, Цар Самоил-Банско да проверат колку платиле за нивниот престој.
– Ако платиле повеќе веднаш да одат во бањите и да си ги побараат средствата во целост. Фондот ќе направи уште една контрола за да провери и да се осигура дека секој осигуреник си ги добил парите. Бањите ќе сносат сериозни последици согласно договорот со Фондот. Оние кои годинава до април биле во овие три бањи очекуваме да побараат враќање на средствата од бањите, додаде Парнарџиева Змејкова.
Одговарајќи на новинарско прашање рече дека добивме две поплаки од осигуреници за една бања и врз основа на таа неправилност таа дала налог Сектор контрола и финансиска контрола да направат контрола во работењето на сите бањи и констатиравме дека во три од нив станува збор за системска неправилност.