Третиот национален MOS натпревар е официјално отворен

Од:

Денес во просториите на Град Скопје се одржа прес-конференција на која официјално беше отворен третиот национален МОS натпревар.

MOS (Microsoft Office Specialist) натпреварот е наменет за млади лица на возраст од 13 до 22 години, односно за сите ученици од основните и средните училишта, како и студентите на факултетите. Учесниците на овој натпревар ќе имаат можност да ги покажат своите вештини во познавање на Microsoft Office алатките: Word, Excel и PowerPoint (2013 или 2016). Во првата фаза од натпреварот учениците од цела Македонија се натпреваруваат локално по што најдобрите 40 ученици влегуваат во големото финале од каде што се избрани најдобрите претставници. Победниците на Националниот MOS натпревар ќе се стекнат со можност да учествуваат во Светскиот натпревар Microsoft Office Specialist 2017/2018, во Орландо, Флорида каде што ќе ја претставуваат Република Македонија натпреварувајќи се со претставниците на повеќе од 130 земји од светот.

Натпреварот се одржува трета година по ред во организација на Certiadria, со поддршка од Семос Едукација, Министерството за информатичко општество и администрација, Град Скопје и Општина Центар, како и други општини во Скопје и Република Македонија. Овој проект е отворен за сите организации и поединци кои сакаат да дадат свој придонес во унапредување на дигиталната писменост кај младите.

„Натпреварот ги тестира вештините на сите лица од 13 до 22 години во основните и најупотребуваните Microsoft алатки во светот – Word, Excel и Power Point кои воедно се и трета најбарана вештина од страна на работодавачите, веднаш по читање и пишување. Оваа година го ставаме фокусот на знаењето и истрајноста во подготовките за натпреварот бидејќи покрај меѓународно признатиот сертификат кој го добива секој ученик кој ќе положи еден од испитите, знаењето со кое се стекнува на патот до финалето ќе му помогне во понатамошниот кариерен и образовен развој што директно ќе влијае да нашето општество се движи во вистинска насока.“ – објасни во својата изјава за медиумите директорот на Certiadria, Марко Серафимовски.

Валентина Тасева, партнер во Certiadria и генерален менаџер на Семос Едукација ја објасни потребата од унапредување на дигиталната писменост на младите во Македонија:

„Младите луѓе се родени како digital natives. Тие се секојдневни корисници на дигиталните технологии, комуницираат преку социјални мрежи, споделуваат фотографии, се дружат, учат, слушаат музика на интернет, играат на мобилен телефон, но тие престануват да учат дигитални вештини кои би им помогнале во идната кариера, како што се програмирање, или пак најсекојдневно креирање на проекти и презентации. Македонија станува една од земјите каде што приходот од странство во ИТ индустријата расте интензивно, а бројот на млади луѓе кои работат во оваа индустрија не го следи овој раст. Затоа апелирам до училиштата, професорите и родителите да ги охрабрат младите да се пријават на овој натпревар, а организациите и институциите да го поддржат, за заедно да им овозможиме на што е можно повеќе ученици да го проверат и сертифицираат своето знаење.“

На прес-конференцијата свое излагање имаше и министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски кој ја истакна важноста од вложување во дигиталната писменост на младите во Република Македонија:

„Навистина е добро да се види дека успешните компании и глобалните лидери во делот на ИТ индустријата предизвикуваат интерес кај нашите млади луѓе да се натпреваруваат, да ги покажат своите знаења и на национално и на меѓународно ниво и пред сè да се надоградат сами себе. Наша цел како влада, а се надеваме и на поддршката од индустријата во овој дел, е да го промовираме ИТК знаењето како еден од главните начини на кои младите луѓе можат да си обезбедат многу подостоинствен живот тука во Македонија. Има голем недостаток од ИТ кадар и во бизнисот и во администрацијата, а има големи можности за младите кои ќе се образуваат за ИТ индустријата. На сите учесници ќе им посакам голем успех на натпреварот, ја имаат нашата поддршка. Се надевам на победници на меѓународниот натпревар кои ќе се вратат тука да го имплементираат знаењето со коешто ќе се стекнат.“

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов го потврди продолжувањето на соработката на општината со организаторите на натпреварот:

„Градот Скопје е официјален партнер на Certiadria во спроведувањето на еден многу важен проект, а тоа е националниот МОС натпревар за унапредување на дигиталната писменост кај младата популација. За таа цел во соработка со средните училишта набавуваме испити со што им овозможуваме на учениците бесплатно полагање и стекнување со светски признаени сертификати. На овој начин во изминатите 2 години Градот Скопје директно поддржа 750 ученици овозможувајќи им бесплатно полагање на овие МОС испити. За следната година е планирано купување на 400 МОС и 100 АСА испити во средните училишта, за што Градот Скопје од својот буџет за 2018 година ќе одвои 680.270 денари. Ова зборува за нашата посветеност и грижа за младите да се стекнат со знаење, а нашата крајна цел е тие да останат во Македонија и да дадат свој придонес за себе, за градот во кој живеат, и за целото општество.“

Би можело да ве интересира

Пијан скопјанец пред сопругата и децата пукал и тешко ранил познаник

Скопјанец пријавил сексуално злоставување на неговата малолетна ќерка

Скопјанец со нож и се заканувал на сопругата

Арсовска: Нашето Скопје треба да се сака со тоа што заедно ќе работиме да имаме поубав град

Скопјанка го нападнала сопругот и свекорот, па искршила дел од покуќнината

СДСМ: Скопје најзагаден град, а власта на ВМРО-ДПМНЕ не презема ништо за загадениот воздух