Третата верска конференција од 10-ти до 12 мај во Скопје

Од:

Третата светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог ќе се одржува од 10-ти до 12 мај во Скопје, на тема „Слободата и достоинството – основни вредности во меѓучовечките, меѓурелигиските и меѓукултурните односи“.

Во рамки на програмата ќе бидат отворени темите: „Плуралистичките општества и религиската толеранција”, „Да се живее заедно со почит кон различностите“ и „Придонесот на медиумите за меѓурелигискиот и меѓукултурниот дијалог“.

Со Третата светска конференција ќе бидат одбележани три јубилеи на значајни настани: 1700 години од добивањето слобода на христијанството; 70 години од холокаустот на Евреите и 10 години од Самитот на шефови на држави од Југоисточна Европа „Дијалог меѓу цивилизациите“ во рамките на УНЕСКО и Охридската порака за мир.

Во рамки на конференцијата ќе се одржи и Форум за млади, на тема „Улогата на религиите во градењето толерантна младина“. Поттеми на Форумот се: Социјалните мрежи, младите и духовноста; Улогата на младинските невладини организации во создавањето вредносни системи кај младите; Практики и искуства за работа со млади во мултирелигиозни, мултиетничкии и мултикултурни средини. На Форумот ќе учествуваат претставници од трите генерации на Школата за млади лидери која се организира под покровителство на претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов.

Владата на Република Македонија го поддржа организирањето на Светската конференција за дијалог меѓу религиите и цивилизациите која, почнувајќи од 2007 година, се одржува на секои три години во организација на Министерството за култура во соработка со Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи и со верските заедници во Република Македонија, како и со Министерството за надворешни работи. За разлика од првите две верски конференции кои се одржаа во Охрид, домаќин на годинашната е Скопје.

Организирањето на Светската конференција во Македонија е продолжување на хуманата визија на покојниот претседател Борис Трајковски, кој на негова иницијатива, а со помош на УНЕСКО, го реализираше првиот Регионален самит на шефови на држави од Југоисточна Европа  „Дијалог меѓу цивилизациите“ во 2003 година во Охрид.

– Охридската порака за мир и соработка направи секоја година до денес да се одржуваат вакви регионални форуми на шефови на држави во регионот, под покровителство на УНЕСКО. Република Македонија има задоволство во 2013 година, кога се навршуваат десет години од Охридската порака за мир, да биде повторно домаќини на Регионалниот самит на шефови на држави и на Третата светска конференција,  соопшти Министерството за култура.

Првата светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог на тема „Придонесот на верата и културата кон мир, заемна почит и соживот“  се одржа од 26-ти до 28 октомври 2007 година во Охрид, каде беше одржана и Втората, на тема „Религијата и културата – нераскинлива врска меѓу народите“, од 6-ти до 9 мај 2010 година.

– Имаше голем одѕив од поканетите истакнати религиски лидери, интелектуалци и политичари кои се занимаваат со меѓурелигискиот и меѓукултурниот дијалог. На двете конференции присуствуваа 200 странски учесници од 50-ина земји од светот и 100 домашни учесници, а ја следеа околу сто акредитирани новинари и репортери од земјава и од странство. На конференциите беа усвоени заеднички декларации и беше формиран Меѓународен комитет за организирање на наредната светска конференција, наведува Министерството во најавата за претстојниот настан.

Како и претходните две, Третата светска конференција ќе се реализира во рамки на Глобалната агенда на Обединетите нации и УНЕСКО за дијалог меѓу цивилизациите и финансиски ќе биде поддржана од Владата на Република Македонија и од УНЕСКО.

Би можело да ве интересира

Вандализирана црквата „Свети Атанасиј“ на тетовско Кале

На црква на тетовско Кале поставено знаме на Албанија

Горан Наумовски

Ограбен е манастирот „Св.Јован Крстител“ во скопското село Љубанци

Расчинет свештеник крстел и венчавал со „благослов“ од г.г. Стефан: Венчаните се невенчани, крстените некрстени

Орце Костов

На дело е фатен арамијата кој ја ограби црквата „Св.Архангел Гаврил“ во Гази Баба

(ВИДЕО) Г. Јаков: Имаме должност да ги заштитме децата и семејството

А1он