Одлуката на Граѓанскиот суд донесена во февруари годинава со која се потврдува дека Живко Митрески во 2017 година е нелегитимно сменет од функцијата претседател на Сојузот на синдикати на Македонија, актуелното раководство на ССМ ја гледа како обид да бидат институционално замолчени.
Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов денеска на прес-конференција посочи дека оваа пресуда е втора иако Апелациониот суд минатата година ја укинал првичната пресуда со цел да се утврди дали има правен основ за водење на постапка против починато лице.
– Жалосно е што поединци во судството денеска судат на починат човек. Оваа пресуда е втора во низа иако беше укината од страна на Апелациониот суд минатата година со една намера – да се утврди дали има правен интерес за водење на постапка против поранешен претседател на ССМ, кој денес не е меѓу нас. За жал, повеќе од три години откако тој не е со нас, тие водат постапки обидувајќи се да докажат дека тој не е повеќе претседател на ССМ. Сметаме дека жалбата којашто е поднесена во текот на вчерашниот ден повторно ќе биде прифатена од страна на Апелациониот суд кој уште еднаш ќе утврди дека Основниот суд не постапил по неговите напаствија. Тоа што е клучно е дека согласно меѓународните конвенции на МОТ, синдикатите имаат целосна слобода да ги креираат статутите, актите и документи и да вршат избор на луѓето кои ќе бидат нивни претставници, истакна Трендафилов.
Посочи дека од 2017 година одржани се конгреси и во 2020 и 2023 година и дека доколку сакал Митрески можел да се кандидира.
-За жал, не го сторил тоа. Ако некој смета дека во Македонија може да се поставуваат членови односно претседатели по желба на неколкумина, се лаже затоа што денеска браниме човек кој не може да се брани сам, денеска ваквата пресуда не може да му ја врачат на човекот. Жалосно е што сега се обидуваат и по институционален пат да го замолчат ССМ затоа што протестираме и бараме зголемување на платите. Сакам да укажам дека во целиот период во кој Дарко Димовски беше претседател, непречено ја извршуваше функцијата. Тој е човекот кој заедно со работниците се избори за недела неработен ден, кој организираше генерален штрајк во јавниот сектор, кој се избори минималната плата да се зголеми од 15.000 на 18.000 денари. Дали сега сакаат да им го земат тоа на работниците? Дали сметајќи дека ништовен ќе биде Дарко Димовски, ништовен ќе биде и ССМ се до 2016 година, а денеска сме 2026 година, рече Трендафилов.
На денешната прес-конференција, Трендафилов информираше дека согласно одлуките донесени на највисоките тела на синдикатот, годинава Меѓународниот ден на трудот ќе биде одбележан со протест под мотото „Се бориме за зголемување на платите, а не се молиме“. Протестот ќе почне во 11 часот пред Работничкиот дом, а со него повторно ќе се бара зголемување на минималната плата и на сите останати плати.
