Ѓорѓи Трендафилов од Граѓанско демократската унија (ГДУ), кој денеска заедно со претседателот на Клубот „Ванчо Михајлов“, Љупчо Ѓоргиевски, како претставници на различни организации на бугарската заедница во земјава во МНР се сретнаа со шефот на дипломатијата Бујар Османи, по разговорот изјави дека имале корисна средба и оти нивните активности ќе бидат во насока на релаксирање на односите меѓу Скопје и Софија.
– Имавме корисна средба со министерот за надворешни работи. Средбата е во голема мера продолжение на разговорите кои ги имавме во Брисел. Ние го известивме Османи за содржината на разговорите со еврокомесарот за проширување и добрососедство, Вархеји и со неколку политички групации застапени во Европскиот парламент, кои ќе се обидат со нивните политички истомисленици и групации овде во Македонија, значи Конзервативната, Европските народни партии, Прогресивните социјалисти, да се обидат да помогнат да се смират тензиите на релација Скопје – Софија и во една порелаксирана атмосфера да почне да се спроведуваат одредбите и од Спогодбата 2017 и т.н. „француски предлог“ за Македонија во периодот до октомври, кога треба да биде објавен Извештајот за напредокот од Европската комисија и земјава да може официјално да ги отпочне преговорите кон крајот на ова година, рече Трендафилов.
Тој изјави дека од Османи побарале и тие да се обидат да посредуваат за смирување на тензиите, затоа што во една експлозивна атмосфера, како што вели, невозможно е да се донесат квалитетни рационални политички решенија.