Утре напладне околу 370 товарни возила ќе ги блокираат сите гранични премини во државата. Со блокадата ќе биде запрен товарниот сообраќај кон земјите од Европската унија, како и транзитот низ регионот.
Според најавите, ќе се пропуштаат само камиони кои превезуваат лекови, жива стока, експлозиви и муниција. Причина за протестот е воведувањето на новиот систем за влез и излез во земјите од Шенген зоната, со кој, како што наведуваат превозниците, им се ограничува престојот на камионџиите од земјите на Западен Балкан.
Планот е блокадите да траат седум дена, но организаторите посочуваат дека протестите ќе бидат прекинати доколку Европската унија започне преговори за надминување на проблемот.
Превозниците предупредуваат дека доколку не се најде решение, тоа може да доведе до сериозни економски последици за земјите од Западен Балкан, со зголемување на трошоците за превоз и раст на цените на производите.
Од Владата информираат дека се во комуникација со европските претставници со цел изнаоѓање решение и укажување на проблемите со кои се соочуваат транспортерите, кои, како што наведуваат, претставуваат ризик и за економијата.
Покрај македонските превозници, во блокадите ќе учествуваат и транспортери од Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина. Нема да има ограничувања за движењето на патничките автобуси и автомобилите.