Трајановски: Не може на средношколците да им се дозволи да ги водат училиштата

Од:

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, на денешната седница во градското собрание рече дека никој не им се заканувал на учениците во средните училишта да одат на настава и дека никој не го попречувал нивното право на штрајк. Сепак, рече тој, не може некои ученици кои штрајкуваат да им забранат настава на оние што сакаат да ја следат.

За време на советничките прашања во градскиот Совет, Трајановски одговори на прашањето на советникот од СДСМ, Ѓорѓе Матевски, кој праша какви активности презел градоначалникот по сериозните обвинувања објавени во медиумите дека директорите на училиштата ги пречекоруваат своите ингеренции и им се закануваат на средношколците со бркање од училиштата.

– Надлежност на директорите и нивна задача е да обезбедат настава со одреден фонд на часови и да ја реализираат предвидената програма. На никого не му било ограничено правото на штрајк, но има деца кои сакаат да учат и никој не смее да им го забрани тоа. До сега директорите се обидувале по пат на убедување или по пат на разговор да ги натераат децата да се вратат во училница. Не е во ред да им се дозволи на средношколците да ги водат училиштата. Не може да им се дозволи да им забранат на некои ученици да влезат во училница – рече Трајановски.

Тој додаде дека нема да коментира дали барањата на средношколците се исправни или не. Средношколците веќе еден месец ја бојкотираат наставата поради немањето слух од страна на Министерството за образование и наука за нивните барања. Од оваа недела тие почнаа да кампуваат пред МОН во надеж дека така ќе бидат повидливи за образовните власти.

Маја Васева

Би можело да ве интересира

За стан од 50 квадрати во Центар платени 168.000 евра

А1он

Мицкоски: Земјотресот од 1963-та покажа дека обединети можеме да ги надминеме и најголемите предизвици

Филипче: Скопје по земјотресот се издигна од рушевините, денес се разорува од погрешни политики

Меџити: Историската меморија се гради со оддавање почит на оние што оставиле трајна трага во идентитетот на Скопје

Левица: Скопје беше кренато од урнатините – денес го затрупуваат дивоградби и корупција

(ВИДЕО) Невремето го покоси Скопје: Оштетени „Вила Водно“, зградите на министерства, Обвинителство