Не е спорно Хрватите и Црногорците да бидат ставени во Уставот, спорни се единствено Бугарите, бидејќи тоа го прават со уцени и условувања, истакна претседателот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов на денешната конференција во Собрание.
– Нашиот став е доколку се пристапи кон промените, тие треба да бидат согласно принципот на реципроцитет, односно да бидат признаени и правата на македонските граѓани во Бугарија, рече Трајанов.
Тој беше дециден дека нема да дадат поддршка за промена на Устав без реципрочност.
– Веројатно целта на Бугарија е да покажат дека во Македонија има Бугари. Не сакам да го користам тоа тој збор – бугаризација. Уставните промени веројатно ќе започнат. Тој процес ќе е тежок и сложен. Има многу дилеми и прашања и затоа имаме сериозни резерви околу референдумот, наш став беше да се одржи референдум, доколку Парламентот донесе консензуална одлука за или против, меѓутоа тоа не се случи. Ова е поединечно барање на ВМРО-ДПМНЕ, но и тие се уште немаат дефинирано некои прашања, изјави Трајанов.