Во рамки на 111 седница, Собранието расправаше за Предлог-законот за основање агенција за борба против тешки облици на организиран криминал и висока корупција во прво читање, поднесен од Павле Трајанов, и за уште неколку предлог-закони за кои расправата е исцрпена и дополнително ќе се гласа.
Пратеникот и претседател на Демократски сојуз Павле Трајанов оцени дека живееме во висококриминализирана држава, корупцијата е присутна, како што рече, од најниско ниво до високите кругови и иако има седум институции кои треба да работат на откривање и сузбивање на криминалот, нема ефикасност поради нивната партизираност.
Образложувајќи го предлогот, истакна дека агенцијата што ќе се формира треба да биде независна институција врз која никој ќе нема влијание – ниту политичари, ниту центри на моќ, и ќе работи неселективно. Би имала одбор од 13 професионалци со висок интегритет кои ќе имаат овластувања да ги собираат сите докази и агенцијата да може да поднесува пријави за кривична одговорност, а не само да информира за нив.
Главна обврска на агенцијата, рече Трајанов, ќе биде откривање тешки облици на криминал од високи функционери и носители на јавни функции, ќе работи само на кривични дела со значителна вредност, ќе детектира скриен имот на носители на јавни функции, ќе предлага конфискација на криминално стекнат имот, ќе иницира забрана за политичко дејствување на оние што биле вмешани во криминал…
Додаде дека агенцијата нема да биде надвор од нашиот правен систем и директорот ќе има обврска да ги информира Владата, Собранието и Претседателот на државата за преземени активности. Рече дека за работа во агенцијата може да се преземат луѓе од други институции кои се квалитетни професионалци, но се блокирани поради политизираност.
– Криминалот ни ја јаде државата, дејствува разорно и го попречува нашиот напредок кон ЕУ, истакна Трајанов, барајќи поддршка од пратениците за неговиот предлог-закон.
Поддршка доби од пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Здравко Трајанов кој рече дека борбата со криминалот и високата корупција е „една од работите што треба да ја завршиме како домашна задача“.
– На тоа ни укажуваат сите релевантни странски институции и пријатели на Македонија. Имаме закони, но нема политичка волја за борба со висока корупција и криминал. Таа борба секогаш завршува со претходната власт. СДСМ и ДУИ секогаш таа борба ја насочуваат против претходна власт, а не и во своите редови зашто никогаш нема судска одлука и завршница. Борбата со корупцијата и криминалот значи борба во своите редови и самопрочистување, рече Здравко Трајанов.
На неговото излагање реагираше Лидија Тасевска од СДСМ која реплицирање дека актуелната власт е неселективна во борбата со корупцијата.
– Нашата борба со корупцијата е неселективна за разлика од вашата. Ако е некој одговорен за нешто, тој ќе одговара, но тоа да биде судски докажано. Вие спречувавте секаков обид за откривање на криминалот, реплицираше Тасевска.
На 111-та седница беа разгледани и предлог-законите за: ратификација на Договорот за соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Албанија за враќање на незаконски изнесени икони во земјата на потекло; за воздухопловство – во прво читање; за изменување и дополнување на Законот за авторското право и сродните права во прво читање, за кои дополнително ќе се гласа.
Неколку точки беа разгледани и од 115-тата седница за кои е завршена општата расправа и ќе се гласа дополнително: Предлог-закон за изменување на Законот за фитофармација, по скратена постапка; Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за следење на комуникациите, по скратена постапка и Предлог-одлука за одобрување Годишен извештај за работата на Агенцијата за регулирање на железничкиот сектор за 2022 година.