Трајанов и Милевски засега сами на изборите, малите партии калкулираат дали ќе излезат од коалициите

Од:

Три политички партии, кои се здружија за заеднички настап на изборите, со отворен повик до помалите, претежно од центарот и левоориентираните, да им се приклучат за заеднички настап на локалните избори. Но, сепак, нема нови партнери во коалицискиот блок, помалите партии сѐ уште размислуваат и калкулираат дали е добра опцијата за приклучување кон здружените ЛДП, ДС и ДОМ. Од партијата на Тито Петковски, НСДП, велат дека, сепак, за самостоен настап потребен е друг амбиент, но и друга политичка клима, која во моментот ја нема, за да може малите партии да одат сами на изборите.

„Оваа одлука ќе ја донесе раководството на партијата заедно со општинските организации, кои треба да кажат дали ќе одиме самостојно или коалциски. Сепак, во услови кога сѐ уште го немаме законот за отворени листи, кој може да биде во корист за порелани шанси на помалите партии токму на локалните избори, мали се можностите на која било партија доколку настапи сама“, велат од НСДП.

Некои од партиите, сепак, на изборите ќе настапат со коалициските партнери од парламентарните избори. Од ВМРО-Народна партија велат дека, најверојатно, ќе настапат заедно со коалицијата на СДСМ. Според нив, не е природно да се излегува од една и да се оди во друга коалиција поради довербата во гласачкото тело.

„Ние вообичаено на локалните извори настапувавме сами, но овој пат ќе останеме во коалицијата со СДСМ. Очекуваме средба со коалицискиот партнер, на која ќе договориме детали за настапот на локалните избори. Нема да бидеме дел од блокот на трите партии во секој случај“, изјави Љупчо Балковски од ВМРО-Народна партија.

И Енес Ибрахим од Партијата за движењето на Турците вели дека и нивната партија нема одлука дали ќе биде дел од блокот на трите партии и додава дека сите опции се отворени.

„Нашиот таргет е турското население и за нас гласаат претежно гласачи од турска националност. Имаме општини каде што населението е мешано со македонското, но и средини каде што Турците живеат со население од албанската етничка заедница. Има опција да бидеме дел и од албанската коалиција за остварување подобар изборен резултат. Се очекува до крајот на месецот да има средба раководството на партијата, на која ќе се избираат членови на органите на партијата, а ќе биде отворено и ова прашање. Засега сите опции се во игра“, вели Ибрахим.

Иницијаторите на блокот велат дека и доколку не им се приклучи ниедна партија, тие сепак на изборите ќе одат сами. Горан Милевски од ЛДП вели дека на локалните избори е вистинско време помалите партии да си го пребројат своето гласачко тело и да добијат реален приказ на политичката моќ, што, според него, тоа не е можно доколку настапат во коалиција со големите партии.

„Имаме отворен повик до сите партии што го препознаваат нашето здружување како опција, но свесни сме дека првин мора да донесат одлуки со своите раководства и, секако, доколку одлучат, да ни се придружат. Договорите за кандидатите за градоначалници или евентуално за поддршка на одреден кандидат би ги договарале на следната наша средба со колегите од ДОМ и Демократскиот сојуз. Идејата е советничките листи да бидат заеднички со кандидати од здружените партии, секако, по претходен договор. Ние како ЛДП не се откажуваме од оваа одлука и нашиот настап на локалните избори ќе биде надвор од коалицијата со СДСМ. Локалните избори се сосема поинакви од парламентарните и сметаме дека настапот треба да е самостоен“, вели Милевски за „А1он“.

Наспроти здружувањето на партиите од македонскиот блок , пред локалните избори имаше информации дека се подготвува и коалицијата Беса – ДУИ за заеднички настап. Сепак, од партијата Беса велат дека немаат никаков договор со ДУИ за заеднички настап, а отворени се за соработка со други партии со кои ќе се најдат во политиките.

„Морам да кажам дека информациите што излегоа во јавноста дека ќе се здружуваме со ДУИ се шпекулации. Немаме одржано ниту средба ниту, пак, сме договарале коалиција со оваа партија. Ставот на партијата Беса е да оди сама на изборите, надвор од коалицијата во која бевме за парламентарните избори, а и надвор од кој било друг блок. Доколку некоја партија препознае партнер во нас, секако, отворени сме за соработка“, вели Аријанит Хоџа од Беса.

За најголем дел од помалите партии, пречка е што сѐ уште не е донесен законот за отворени листи, кој исто така е во собраниска процедура, а кој би можел да биде во корист на освојување повеќе гласови на изборите. Самостојниот настап во овие услови според некои од нив ќе биде губење на гласовите и лош изборен резултат.

Би можело да ве интересира

ДИК одлучува по приговори од вториот круг на изборите за градоначалник на Дебар

Ана Ололовска

Избори за градоначалник на Дебар: Дука од ДУИ – 4.291 глас, Поцеста од АА/А – 4.153

А1он

Хекуран Дука го победи Беким Поцеста во Дебар за 138 гласа

Катерина Ѓуровски

Дука прогласи победа во Дебар

Ана Ололовска

Во Дебар затворени гласачките места

Ана Ололовска

Во Дебар се зголемува излезноста на гласачите

Ана Ололовска