Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски ја води партијата на локални избори, но со реторика која потсетува на се што заборавил да направи додека беше на власт десет години.
Ако Никола Груевски беше причината партијата да ја добие власта во 2006 година, сега сигурно е причината поради која ВМРО-ДПМНЕ се повеќе се оддалечува од можноста да стигне на власт.
Аналитичар Петар Арсовски за А1он вели дека ерата на Никола Груевски заврши, само што тој уште не го прифаќа тоа. Според Арсовски, обвиненијата кои се водат против Груевски и луѓето од неговата партија секако ќе го чинат гласови особено при промена на власт.
-Две работи има кои работат против него, првата е општата политичка ситуација, СДСМ добива поддршка, а ВМРО-ДПМНЕ континуирано ја губи, а втората работа се овие обвиненија кои секако ќе го чинат гласови, вели Арсовски.
Груевски во својот говор на конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ каде беше претставена новата програма или како што самиот тој рече, визијата за тоа во која насока оваа држава треба да се движи во иднина, повика на се што тој не го направи во изминативе десет години додека беше на власт.
Лидерот на опозицијата се заложи за транспарентност во време кога на локалните избори не може да се договори ниту еден кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за дебата и соочување.
-Целото ВМРО-ДПМНЕ во моментов е во фаза на динајл, тие се соочуваат со тоа што се случи на последните парламентарни избори и соодветно на тоа одбиваат да кореспондираат со начинот на кој се обраќаат на електоратот, тука влегува оваа мантра со транспарентноста и со корупцијата која нема никаква врска со реалноста, вели Арсовски.
Поранешниот премиер во својот мандат ниту еднаш не прифати дуел со политички опонент.
Груевски исто така повика на создавање позитивна енергија, но во времето додека владееше според официјални податоци имаше огромен пораст на антидепресиви.
Како една од поважните работи кои тој ги истакна на вчерашната конвенција и е впишана во „Визијата“ на неговата партија е чистење на корупцијата. Иронијата во сето тоа е што тој заедно со сите што беа околу него се гонат за многу кривични дела поврзани со корупција.
-Груевски пред конвенцијата добил истражувања за што треба да говори, а целта на тоа истражување била корупцијата и затоа тој тоа го споменува, инаку моментално постои една политичка хипокризија која вели дека никој не може да се справи со корупцијата во општеството доколку не се справи со корупцијата во сопствената партија, тоа што тој вели дека ќе се српави со корупцијата е повеќе политички маркетинг отколку реалност, вели Арсовски.
Според него, членовите на ДПМНЕ живеат во светот како било пред да се смени власта и смета дека тие најверојатно ќе се соочат со реалноста дека по локалните избори во партијата ќе настанат темелни промени.
Владеењето на Никола Груевски немаше ништо позитивно- рекет затворање на фирми, уцени, судски местенки за политички противници. За сето ова стигнуваат и потврди од највисоките судски инстанци- дека се местеле судиите кои требало да одлучуваат за предметите кои ги нарачуваше Груевски.
По сето ова се поставува прашањето дали Груевски ќе се повлече од позицијата претседател на ВМРО-ДПМНЕ и воопшто од политичката сцена во Република Македонија.
-Дали Груевски ќе се повлече зависи од резултатите на локалните избори и од неговата политичка волја. Тој ако сака може да остане во ВМРО-ДПМНЕ, но тогаш ќе го повлече и ВМРО-ДПМНЕ надолу, тоа е негова одлука, смета Арсовски.
Виктор Јованов