Тони Трајковски jа промовира својата програма за претстојните локални избори

Од:

Длабоко сум убеден дека ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата „За подобра Македонија“ и Тони Трајковски ќе победат на претстојните локални избори во првиот круг во општина Гази Баба. И поради реализираните проекти и поради заедничкото работење меѓу Трајковски, Град Скопје и Владата, рече вечерва претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Никола Груевски.

– Вечерва дојдов тука да ја дадам и мојата лична поддршка за сегашниот и иден градоначалник на Гази Баба, Тони Трајковски. Изминатите четири години покажа дека знае да биде татко на оваа општина. Тој е скромен, чесен и многу работлив. Со малкуте средства кои ги има оваа општина, успеваше да го даде максимумот и да излезе со чист образ, рече премиерот Груевски.

На работните средби, посочи Груевски, Трајковски секогаш беше добро запознат со проектите, со сите детали, се трудеше пред се да им помогне на граѓаните.

– Тој е оперативен градоначалник, менаџер градоначалник. Не е градоначалник кој ќе ви зборува за висока политика, а работите во општината ќе му стојат незавршени. Работниците не работат, фирмите не ги примиле средствата или не знае до каде му се проектите. Тој точно знае, секој ден, до каде му се проектите што ги ветил пред граѓаните и за кои граѓаните чекаат. Тој ги знае многу добро приоритетите на оваа општина, истакна Груевски и додаде дека се работи за проверен човек.

Од другата страна, како што рече Груевски, имаме човек кој исто така добил шанса од граѓаните, кандидатот на коалицијата предводена од СДСМ, инаку кандидат на ВМРО-НП, Борче Стефановски или човек кој народот не го памети по завршени дела и кој ја презадолжил општината Гази Баба, а ги оставил проблемите.

– Граѓаните и на двајцата им дале шанса. Тоа е фер. Тебе ти дадовме шанса, ајде да изброиме што си направил. Да изброиме на сегашаниот, актуелниот градоначалник што вети, а што оствари. Да ги провериме тие две работи и изборите се јасни. Нема многу двоумење. Длабоко сум убеден дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ во Гази Баба во првиот круг ќе победи, рече Груевски.

Според Груевски, Тони Трајковски решил најголем дел од работите што ги ветил.

– Многу внимава што ветува. Реши најмногу што можеше во рамки на финансиските можности и ги реши најприоритетните работи кои ги имаше. Се трудеше максимално на најголем дел од најприоритетните потреби да одговори позитивно и да помогне. И затоа на овие избори ќе ја добие поддршката од мнозинството граѓани во прв круг, потенцира Груевски.

Во моментов СДСМ, како што рече Груевски, е во ситуација кога давеник бара сламка за спас.

– Се закопааа длабоко во ровови дека немало да одат на локални избори. Во исто време на терен се подготвуваат како да имаат избори. Подготовките им течат турбо, што е супер. Ние тоа го поздравуваме. Нека се подготвуваат и има за што да се подготвуваат. Не им е лесно со противници од ваков калибар како градоначалникот на оваа општина. Од друга страна цврсто зборуваат во јавноста дека нема шанса, ако не им се даде предвремени парламентарни избори да излезат на локални, рече Груевски.

Тој додаде дека деновите минуваат, а тие бараат сламка за да се фатат.

– Моето мислење е дека тие ќе излезат на избори. Тоа ќе го направат од повеќе причини, заради притисокот на нивното членство внатре во партијата и во таа партија убеден сум, можеби не толку многу во врвот, но во членството има луѓе на кои државата им значи. Нема да дозволат нивниот претседател на партија да игра само за себе. Во овој момент Бранко се бори за Бранко. Бранко не се бори ни за СДСМ, ни за Македонија. И ако го остават вака да продолжи, тој ќе се бори само за себе. Борејќи се само за себе, тој нема да сака да излезат на локални избори зашто е свесен за поразот што го очекува и за проблемите што потоа го очекуваат, рече Груевски и додаде дека наскоро и Црвенковски како давеник ќе бара сламка за спас.

Сегашниот и кандидат за скопски градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ Коце Трајановски истакна дека изминатите четири години со неговиот колега Тони Трајковски имале одлична соработка и оти реализирале многу проекти.

Би можело да ве интересира

Грузиската Централна изборна комисија ги објави конечните изборни резултати, опозицијата продолжува со протестите

Граѓаните не сакаат предвремени парламентарни избори, вели Мицкоски

Филипче: Ние сме подготвени за избори, ќе настапиме многу организирано и многу поуспешно

Објавени се конечните резултати од изборите во Подгорица

Проруската владејачка партија прогласи победа во Грузија, опозицијата излегува на протести

Предраг Петровиќ

Бугарите викендов одат на седми предвремени избори во последните четири години, неизвесно е кој ќе биде иден мандатар