Тодоров реди проекти во одбрана, за починатите пациенти ни збор

Од:

Министерот за здравство, Никола Тодоров, се брани од побараната интерпелација на СДСМ со листа на проекти реализирани во неговиот мандат. Тодоров со спремен говор излезе на собраниската говорница, но без да одговори или да се осврне на починатите пациенти и клучните забелешки што пред него ги изнесе пратеничката на СДСМ.

Јагода Шахпаска од СДСМ рече дека пратениците од опозицијата бараат одговорност од министерот поради смртта на Тамара, поради починатата родилка од Гевгелија и нејзиното неродено бебе, поради родилката од Тетово, родилката од Скопје, новороденчето од Велес, жените од Шутка и Бутел кои немаат гинеколог, како и поради 36.000 пациенти на инсулин.

– Гoсподине Тодоров, доста е, одете си ако се уште имате совест. Не може доктори во алкохолизирана состојба да доаѓаат на работа и да одлучуваат за човечки животи. 700 лекари ја имаат напуштено Македонија. Нема педијатри, децата од 0 д 6 години нема каде да се лекуваат и затоа смртноста е во пораст. Клиниките тонат во долгови кои достигнаа милиони евра за јавното здравство. Должи и клиниката на докторката која ја наградивте. Нема реагенси за компјутерски снимања, нема реагенси за лабараториски анализи. Пациентите сами си купуваат лекови на клиниките.

Требаше да си заминете кога го уништивте стоматолошкиот центар, треба да си отидете поради криминалните тендери – рече пратеничката.

На тоа Тодоров одговори со список на проекти.

– Кажавте многу неточности, многу неточности. Рековте дека има долга листа на чекање за зрачна терапија, но во јавното здравство не се чека подолго од три дена – рече Тодоров.

– Да ама ако ти се јавиш по телефон – дофрлија пратениците од опозицијата.

– Не… не.. – негираше министерот и продолжи дека нема да навлегува во ефтина политика и да одговори на политичката матрица.

– Ќе зборувам за тоа што сме го направиле – рече тој и почна да ги реди постигнувањата почнувајќи од основањето на државната кардиохирургија, преку системот „Мој термин“, реконструкциите на здравствените објекти и набавката на опрема.

Тодоров одеше во детали, па напомена и колку кровни реконструкции се извршени, каде и колку чинеле, како и каде се е заменета столаријата.

По завршувањето на говорот Тодоров доби аплауз од пратениците на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ.

Расправата за интерпелација беше прекината за пауза и ќе продолжи во 15.00 часот.

Маја Васева

Би можело да ве интересира

Петрушевски: ЕК извештајот констатира дека судиите често избегнуваат одговорност преку правни лавиринти и застарување на предметите

Собранието ги донесе измените и дополнувањата на Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам и Законот за експропријација

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ побараа членовите на Советот на јавни обвинители да поднесат оставки

Собранието го донесе Законот за заем од 500 милиони евра од Унгарија

Пратениците ја почнаа расправата за заемот од Унгарија

Катерина Ѓуровски

Предлог-законот за заемот од Унгарија на пленарна седница

Катерина Ѓуровски