Транспарентност Македонија во својот најнов билтен за месец февруари 2016 година, упатува порака до Републичкиот судски совет и до Советот на јавните обвинители да ја остават СЈО да си ја работи работата и да се зафатат со испитување на одговорноста за состојбите во судството и во обвинителството констатирани во бројни меѓународни и домашни извештаи.
Советот на јавни обвинители да одговори и за тоа кој е виновен што не се применуваат низа одредби и концепти од новиот ЗКП, како оние за конституирање на правосудната полиција и истражните центри на јавното обвинителство заради што, сé уште, МВР е главниот фактор во казненото правосудство, каде се концентрирани центарот на злоупотребите и моќта на злосторничкото здружение.
ТМ го повикува Уставниот суд веднаш да поднесе неотповиклива оставка.
Поданичката улога и бедата на повеќето луѓе што седат во столчињата на уставните судии ги помина сите граници на пристојност и на потребата за нив да се дискутира. За состојбата во медиумите, ТМ предупредува дека секој одложен ден на овие реформи до датумот на вонредните избори, кога и да се одржат тие, е ден кој власта го добила за своето пропагандно делување.
Затоа, ТМ препорачува:
– Датумот на вонредните избори во Македонија да се одлага се додека не се постигне колку-толку прифатливо демократско и професионално ниво во известувањата на комерцијалните медиуми и јавниот радиодифузен сервис во државата, со промена на клучните раководни структури во јавната медиумска сфера;
– Специјалното јавно обвинителство итно да се зафати со кривично процесуирање на сомневањата за крупни криминали направени во областа на финансирањето на комерцијалните медиуми во Македонија со јавни пари.
ТМ во континуитет укажува дека податоците за имотната состојба на функционерите се нецелосни и невистинити, дека отсуствува проверка од ДКСК за тоа на кој начин голем број на високи функционери за време на мандатот се стекнале со имот кој значително ги надминува нивните редовни приходи, што е сериозен индикатор за корупција. ДКСК, вообичаено, ги игнорира овие укажувања.
Наместо сериозно да се зафати со исполнување на бараните реформи од нејзина надлежност за кои ЕК ја прозива, ДКСК според податоците кои ги објавува на веб страницата, продолжува да се занимава со минорни прашања, колку да се каже дека нешто работи, поддржувајќи ги политиките на власта преку аминување на незаконските вработувања, продажбата на државно градежно земјиште, делењето субвенции и слични активности во пресрет на парламентарните избори, а за кои оценува дека „не постоеле законски пречки да се спроведуват“.
Нема реакција од ДКСК ниту за продолжување на практиката на непродуктивно, расипничко трошење на милиони евра пари на граѓаните за изградба на барокни згради, меѓу кои и за нова зграда на НБРМ (за неверојатни 35 милиони евра!), за нови барокни фасади, споменици и слични непродуктивни и коруптивни трошења.
Во врска со овие наоди ТМ прашува:
– Дали ќе покрене постапка по допрен глас дека Македонија плаќа многу поголема цена за изградба на гасоводната делница Клечовце- Неготино (77 милиони евра), иако според нарачаната студија на Владата овој проект чини 2,5 пати помалку или само 24 милиони евра?
– Дали ДКСК отворила предмет за исплатените десетици милиони евра од страна на Владата на РМ на провладините медиуми ТВ Сител, Канал 5 и Алфа, во вид на кампањи, реклами и промоции, со што се врши директно поткупување преку влијание врз нивната уредувачка политика?
– Дали ДКСК постапува по облоденувањето на скандалот во медиумите за постоење на сериозно сомневање за наместен тендер и склучен договор помеѓу Министерството за образование и наука со фирмата „Флуент“ за јавна набавка за услуги за вршење на психолошки тестови на наставниците во образованието, како и за постоење на судир на интереси при склучувањето на овој договор, поради блиските бизнис релации на лица вработени во Министерството и сопственикот на оваа фирма, како и блиските врски со политичката партија ДУИ од чии редови е министерот за образование?
– Дали ДКСК има отворено предмет за проверка на потеклото на парите на владејачката ВМРО-ДПМНЕ со кои се платени повеќе милиони долари за лобирање за интересите на оваа партија во САД? За буџетската политика ТМ констатира дека почетокот на 2016. предизборните трошења се сé поголеми. Владата и Министерството за финансии, иако се соочуваат со очигледни проблеми во обезбедувањето на финансиската стабилност на
Буџетот, не се откажуваат од непродуктивните трошења од државната каса. И транспарентноста за трошењето е на доста ниско ниво.
Според анализите спроведени од реномирани домашни институции, Владата, министерствата и агенциите кои располагaат со најголем дел од Буџетот, обезбедуваат и најмалку информации во огласите и објавите: нешто повеќе од 70% од јавните објави не содржат податоци за финансиските импликации. Сето ова резултира со голем дефицит во Буџетот на РМ за 2016 г. До месец февруари, буџетскиот дефицит изнесува нешто повеќе од 30% од проектираниот буџетски дефицит од 308 милиони евра (3,2% од БДП).
Ваквата димнамика на реализација на Буџетот на РМ за 2016 г. го отвора прашањето дали Владата ќе ја почитува фискалната стратегија што самата ја предложи, во кое стои намалување на буџетскиот дефицит почнувајќи од 2016 г. Вака како што се води фискалната политика во земјава, тоа најверојатно нема да се случи.
Случај “Ушковски“
Дека во Македонија непотизмот и кронизмот се широко распространети коруптивни појави се покажа и со обелоденувањето на информацијата дека ќерката на претседателот на Судскиот совет Бранко Ушковски – г-ѓа Маре Ушковска – е поставена за економски промотор во Шкотска, што е уште еден пример на наградување на партиските војници и блиски роднини на функционери на власта.
Дополнително, иако Ушковска, како именуван функционер, има обврска да поднесе анкетен лист до ДКСК за пријавување на имотната состојба, според податоците достапни на веб страната на ДКСК е видно дека таа не ја исполнила својата законска обврска. Тоа е спротивно на чл. 33 од Законот за спречување на корупцијата. Не е познато ниту дали поднела изјава за судир на интереси, согласно чл. 20-а од Законот за спречување на судир на интереси. ТМ бара од ДКСК да отвори постапка за овој случај во која ќе утврди врз основа на кои критериуми и во која постапка ќерката на председателот на Судскиот совет, Маре Ушковска, била поставена за економски промотор во Обединетото Кралство?
Кој е нејзиниот стручен капацитет, искуство и образование за ваквата позиција? Исто така, со оглед дека Ушковска не поднела анкетен лист, ТМ ја потсетува ДКСК дека има законска обврска да покрене постапка за утврдување на потеклото на имотот на именованата, согласно чл. 36 од Законот за спречување на корупцијата.
Јавни набавки
Додека голем процент од граѓаните во државата живеат во сиромаштија и не можат да ги задоволат ниту основните егзистенцијални потреби, Владата продолжува да се луксузира. Службата за општи и заеднички работи при Владата, за износ од 1.500.000,00 денари, ќе набавува колонијални производи, кондиторски производи (чоколади), пиво, вино, жестоки пијалоци и ликери, а само за вино ќе потроши 563.918,00 денари и за ракија 73.610,00 денари.
Тендерот за овие набавки го доби Друштвото за трговија на големо и мало и услуги ТИНЕКС-МТ ДООЕЛ. Истовремено, Министерството за економија само за организација на регионална конференција за зимски туризам, ќе потроши 847.458,00 денари, а тендерот го доби Друштвото за производи, трговија и услуги Скрин принт ДОО експорт. Јавните набавки се испробан метод за испумпување на големи суми буџетски средства или средства од јавните фондови, при што исходот за тоа со која фирма ќе се склучи договорот е однапред познат: тендерот, по правило, го добива фирма блиска до власта (како во случајот со „Тинекс“, на пример), а поради исклучување на конкуренцијата, цените за набавките се нереално високи во однос на пазарната вредност.
ТМ смета дека одговорноста за ваквите состојби треба да се лоцира и во пасивноста на органите надлежни за контрола и санкционирање на ваквите коруптивни практики поради партизацијата и лојалноста на функционерите во овие органи кон партијата што ги поставила на овие позиции. Во врска со Универзална сала ТМ бара одговор кој ќе ги надомести скоро 600 илјади евра за изготвување на проектот Конгресен центар? Ако проектот не се реализира и од него Владата трајно се откажува, бидејќи наместо него Универзална сала ќе се доградува и надградува, зошто се потрошени овие 600 илјади евра?
ТМ ја повикува министерката за култура Елизабета Канческа Милевска, како изведувач на овој проект, и градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски, како прв човек на локалната самоуправа која е основач на Јавната установа, на македонската јавност да ѝ соопштат дали парите што се исплатени од буџетот на државата за подготовка на проектот ќе бидат вратени во градската каса, бидејќи проектот „јајце“ воопшто нема да биде реализиран?