Транспарентност Македонија, во билтенот за месеците јули и август се осврнува на случувањата во власта кои предизвикаа големи реакции во јавноста.
Луксузниот живот на премиерот, непријавување на имотна состојба на функционери на власт, ребаланс на буџетот на РМ, како и проблемите на новинарите и неразмните јавни трошења.
„Бројните корупциски скандали поврзани со незаконско трошење на народните пари кои станаа нормален начин на практикување на власта од страна на владејачката гарнитура, поради зачестеноста, многу брзо се забораваат, се забошотуваат или се ставаат „под тепих“. Токму органите кои се надлежни да постапуват во ваквите случаи и да ги санкционират инволвираните лица во овие коруптивни афери се сосема неактивни и, особено ако се работи за високи функционери од актуелната власт замешани во скандалите, се трудат од петни жили или да ги оправдаат постапките на осомничените или никој во јавноста да не се сети дека тие имаат надлежност да постапуваат во овие случаи“, пишува ТМ за луксузирањето на премиерот.
Од увидот во анкетните листови зa имотната состојба (онаа што е пријавена) на високите функционери од владејачката гарнитура, сe констатира дека тие располагаат со значителен недвижен и движен имот стекнат за време на извршувањe на функцијата, чија вредност e значително повисока во однос на нивните регуларни примања. Покрај ова, очигледна е практиката имотот, особено недвижниот – станови, куќи, земјиште и сл. – да го препишат во сопственост на нивните родители, деца и други блиски лица од семејството, со цел да избегнат да дадат отчет за изворите на средства со кои е стекнат тој имот. Впрочем, и самиот Никола Груевски, според пријавата на неговиот имот, сѐ уште „не успеал да се стекне“ со стан или куќа во лична сопственост, се одбележува во билтенот на ТМ.
Илустративен е примерот и на директорот на Управата за јавни приходи Горан Трајковски кој во својот анкетен лист пријавил дека тој и неговото семејство располагат со значителен недвижен и подвижен имот, меѓу кој и куќа во Крушево којашто ја купил додека е на функција.
За ребалансот на буџетот и новите задолжувања под неповолни услови, ТМ вели дека тоа се прави само поради партиските потреби на ВМРО-ДПМНЕ.
„Кон крајот на август, Собранието на РМ го донесе Ребалансот на Буџетот на РМ за 2015 г. Ова беше очекуван ребаланс, бидејќи премиерот веќе неколку месеци наназад, на партиски собири, го прекројуваше Буџетот на државата согласно партиските потреби на ДПМНЕ, во пресрет на предвремените парламентарни избори. Предложениот ребаланс не е ништо друго освен правење терен за зголемени расходи и ново енормно задолжување на Владата и тоа, пред сѐ, од домашни извори“.
За јули и август ТМ вели дека за новинарите поминале без подобрувања.
„Овие месеци минаа без суштински напредок во најголемиот број истраги околу тешките кривични дела на насилство против новинари или уништување на имот во сопственост на новинари или други критичари на власта. За потсетување, од април до денес, се случија дваесетина физички напади врз новинари и неистомисленици со власта (од кои некои завршија со тешки физички повреди), а беа опожарени и десетина возила или беше уништен друг имот, како очигледен притисок врз инакумислечките од власта. Полицијата, во 90% од случаите, сѐ уште, наводно, трага по извршителите, а и таму каде се подигнати обвиненија против некој од сторителите на вакви кривични дела тоа е сторено, се добива впечаток, заради неможноста тоа да се избегне, со оглед на расположливите докази (видео снимки, сведоци и сл.) против тие лица.
Во склоп на освртот на неразумните трошења, се издвојува случајот на Панорамското тркало.
„Градот Скопје започна и со изградбата на панорамското тркало на реката Вардар коешто, покрај галиите, жалните врби, распаднатите плажи, нефункционалните речни фонтани и палмите е уште еден нерационален проект на Градот за кој од парите на граѓаните ќе бидат потрошени најавените 18 милиони евра. Заради очигледно празната каса на Градот, се измисли нов систем на наплата на јавниот превоз во ЈСП – кој, формално, ќе ја финансира изградбата на Панорамското тркало – со утврдување на обврска за набавка на електронска карта за учениците, студентите и возрасните лица (пензионерите, кои до сега се возеа бесплатно), во износ од 200 денари, која ќе важeла од идната година, но треба да се купи сега“.
Град Скопје продолжува со расфрлање пари за „Скопје 2014“, и тоа само по желба на премиерот, издвојува ТМ.
„Откако општина Центар е раководена од страна опозициски градоначалник, сите активности поврзани со проектот „Скопје 2014“ ги презеде Градот Скопје. Градоначалникот Коце Трајановски многу послушно и сервилно ги исполнува желбите на премиерот Груевски, а интересите на граѓаните на Скопје ги става во втор план. Практично, последниве месеци сите позначајни проекти на Град Скопје се во застој, а од многу капитални проекти (како, на пример, изградбата на подземна сообраќајница на релација Влада-Комплекс банки) Градот Скопје дури и се откажа. Но, затоа пак, кај проектот „Скопје 2014“ нема застој ниту во 2015 година!“, вели Транспарентност Македонија.