ТМ: Ветувањата на премиерот не можат да се остварат со буџетот за 2015

Од:

Транспарентност – Македонија (ТМ) во својот нов извештај за април 2015 година, за состојбите со корупцијатата во Македонија нотира нови задолжувања на државата, ветувања на владата кон разни социјални групи кои не содржани во Буџетот за 2015 година и кои, ако се остварат би ја нарушиле кредибилноста на фискалната политика. ТМ забележува и продолжување со трошењето за проектот „Скопје 201“ преку сомнителни договори. Според ТМ, во работењето на Државната комисија за спречување на корупција има низа недоследности.

„Владата на РМ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, со цел да го амортизира ударот од актуелната политичка криза во земјата, преку партиски трибини и народни собири го прекрои целокупниот Буџет за 2015 г. Практично, заклучно со месец април, од страна на премиерот Никола Груевски и други функционери во Владата се ветени толку многу работи, што постојната буџетска политика ја прават беспредметна и ја наметнуваат потребата од итен ребаланс на буџетот за 2015 г.

Со цел да го амортизира растечкото политичко незадоволство, Владата на РМ избира целни групи – корисници на социјална помош, вработени во јавниот сектор, стечајни работници, студенти и т.н. – кон кои насочува низа мерки кои се парцијални и без никакви поопсежни анализи. На пример, кон средината на април во Собранието влегоа предлог-измените на Законот за социјална заштита, со кои социјалната помош наместо за првично планираните 5% ќе се зголеми за 10%. Според овие измени, започнувајќи од месец јули, месечната социјалната помош на околу 40.800 корисници, во просек ќе се зголеми за околу 7 евра. Со овие измени фискалните импликации ќе бидат околу 1,7 милиони евра кои не се предвидени во Буџетот на РМ за 2015 г.

Нови задолжувања

Во месец април веќе е евидентно влијанието на политичката криза врз економските состојби во земјата. Проблемите во водењето на буџетската политика се многу поизразени, а задолжувањето на државата е во пораст. Заклучно со месец април, од почетокот на годината, Владата на РМ се задолжила за 352 милиони евра, а се раздолжила 236 милиони евра, со што го зголемила долгот за околу 116 милиони евра. Ова значи дека Владата на РМ ја задолжува земјата со околу 960 илјади евра дневно во последниве четири месеци.

Проектот „Скопје 2014“ се уште троши големи пари

Иако проектот „Скопје 2014“ требаше да заврши во 2014 г., тоа не се случи и истекувањето на парите на македонските граѓани во крајно сомнителни зделки од овој проект продолжува и во 2015 г. Во април се распишаа нови огласи во рамките на овој проект, според кои повеќе од 500 илјади евра е предвидено да се потрошат за ентериерно уредување на конференциската сала на Музејот на ВМРО, а над 134 илјади евра (без вклучен ДДВ) ќе се потрошат за осветлување на спомен обележја, фонтани и склуптури. Тука се и дополнителните 260 илјади евра за завршување на оградата на мостот „Слобода“ кај хотелот „Холидеј Ин“.

Отчетот на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК)

Последниот извештај за работата за 2014 г. на сега веќе поранешниот состав на ДКСК ја отсликува реалната состојба на нејзиното неколкугодишно функционирање: воопштеност, површност, селективност, пристрасност, игнорирање на високиот степен на корупција и бегање од големите корупциски скандали за кои постои сериозно сомневање за инволвираност на високи функционери од владеачката гарнитура.

Неспоивост на функција

ТМ во континуитет укажува на кршење на Законот за спречување на корупцијата кога избрани и именовани функционери за време на траење на мандатот вршат и друга функција, должност или дејност што е неспоива со нивната функција, како што е и членување во органи на управување во јавни претпријатија или претпријатија кои располагат со државен капитал.

Преку овој билтен Транспарентност – Македонија продолжува да укажува и предупредува на неправилности и непочитување на процедурите и добрите практики во спроведувањето на јавните политики и трошењето на јавните пари во општеството“, стои во соопштението на ТМ.

Би можело да ве интересира

ТМ: Димитриев да го објасни потеклото на парите со кои ВМРО-ДПМНЕ лобира во странство.

Емир Латифовиќ

ТМ: Има елементи на организиран криминал поврзани со Фондот за пензиско осигурување

Ана Ололовска

ТМ: Борбата против корупцијата е само на хартија, буџетот на Град Скопје е во функција на пропагандните потреби

Емир Латифовиќ

ТМ: Луксузот на премиерот, скриениот имот и трошењата ги одбележаа јули и август

Емир Латифовиќ

ТМ: Притисоци, злоупотреби и повреди на правото во случајот „Музеј на Македонија“

Емир Латифовиќ

ТМ: Критичарите на власта се мета на насилства

Емир Латифовиќ