„Не можам јас да бидам причината за инцидентот меѓу Топалоски и Усеини“, реагира Зоре Темелковски, кој беше споменат од нападнатиот Топалоски дека е причина што советникот од Охрид Нефи Усеини извадил пиштол пред неговото дете, а потоа со него го мавал по глава.
Темелковски вели дека го пријавил Топалоски во полиција поради тоа што копал канал и го оставил без вода, но не и за куќата која ја градел во негова близина.
„За неговата градба секогаш сум имал позитивно мислење, да си гради, бидејќи цел Охрид е на диво. Тоа е работа на институциите и никогаш не сум го коментирал неговото градење, за неговите дечиња кое го пишувате. Коментарот мој и мојата пријава е на 192, во недела, бидејќи се копаше канал со државен багер од ‘Водовод’. Го прашав директорот на ‘Водовод’ што е ова, а тој ми рече ‘Немам јас тебе што да ти кажувам’. Јас му викам ‘Јас сум оштетен бидејќи ми е сопрена водата’, а тој рече ‘Јас сум пуштил да ја поправаат’. Тие се под силата на рекетарите и силеџиите. Не сакам да ме меша во овие работи бидејќи мојата пријава е официјална, против нешто друго, а не против куќата. Институциите се под силен притисок на локалните силеџии и не функционираат. Скинато е цревото, имам слики. И тука завршува приказната. По ова, тој со мене беше на кафе. Беше со мене на кафе и нема допирна точна за да ме инфилтрира. Не е тој кој што ќе мери дали јас ќе пријавам ако немам вода во мојата зграда. Не е тој дека јас нема да се борам за мојот имот и ќе дадам на локални шерифи да прават што сакаат“, реагира Темелковски.
Според него, Усеини не знаел за оваа случка, па така, не можел тоа да биде причина за инцидентот.
„Не можам јас да бидам причината за инцидентот меѓу него и Усеини, бидејќи иако сум нераздвоен пријател со Усеини, тој не знаеше за оваа работа. Тоа не е причина, тие им се поголеми. Ако ја бара кај мене причината, пријавата ја има во МВР од неделата. Тој мене не ми смета ништо во животот, не ми е дома за да се расправам. Ми го скина цревото, не знаев што е, се појави тој како силеџија и вели ‘Јас копам’. Толку е мојот и негов контакт. Нема да се спуштам на негово ниво да разговарам. Нема Нефи ништо со мојата пријава“, додава Темелковски.
Инаку, советникот во Општина Охрид, Нефи Усеини, го нападнал Топалоски пред охридски хотел. Топалоски за „А1он“ вели дека случајот ќе го тера до крај, бидејќи меѓу другото, Усеини замавнувал со пиштол пред неговото 14-годишно дете, кое според кажувањата, било сведок на инцидентот.