Два часа исполнети со театар и музика ги очекуваат сите деца и родители што денеска попладне во 18:00 часот ќе дојдат на детската работилница во паркот во Капиштец. Овој пат дружењето со децата комбинира отворен музичко-драмски час, на кој тие активно ќе учествуваат, ќе се забавуваат и ќе научат нови нешта. Драмскиот дел ќе го води актерот Гораст Цветковски, а на музичката работилница под водство на композиторката Ана Пандевска и пијанистката Дуња Иванова децата ќе се запознаат со инструментот клавинова, осносно електрично пијано.
Проектот „На одмор сум во Скопје сум – Општина Центар мисли на мене“ го организира општина Центар со цел корисно да се исполни слободното време на децата за време на училишниот распуст со едукативни и креативни содржини. Исто така, целта на овие настани, кои се одржуваат под слоганот „Остави го таблетот, симни се пред зграда“ е да се поттикнат најмладите жители што повеќе да излегуваат надвор во своите маала на дружење и игра.
Попладневното дружење во паркот Капиштец ќе започне со драмската работилница на која актерот Гораст Цветковски ќе ги води децата – доброволци низ три кратки драмски игри, „Две жапчиња“, „Двајцата истражувачи“ и „Марија и мајка ѝ“, а потоа тој ќе одигра монолог.
На музичката работилница пијанистката Дуња Иванова за децата ќе изведе на клавинова неколку композиции од цртаните филмови, а тие ќе имаат можност да се запознаат со овој инструмент. Под водство на Ана Пандевска најмладите ќе научат што е клавинова, каде се применува, каква е во споредба со акустичното пијано и сл. Ќе одиграат и неколку музички игри на кои ќе треба да решат музички гатанки или да го погодат инструментот, а ќе имаат и кратка бон-тон едукација за односот кон инстументите, за односот на публиката кон музичарите итн.
Циклусот детски настани што со овој концепт Центар летово ги организира за првпат предизвикаа големо внимание кај жителите на Капиштец, но и на целата општина и градот. Досега се одржаа ликовна, музичка, драмска, како и ликовна работилница со игри без граници кои донесоа радост и насмевки за стотици деца и нивните родители, соопштуваат од Општина Центар.