Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери денеска имаше средба со новоименуваната амбасадорка на Република Србија во нашата земја, Невена Јовановиќ.
Како што соопшти собраниската прес-служба, посакувајќи и успешен амбасадорски мандат и пријатен престој во нашата држава, Џафери ја запозна амбасадорката со тековните активности на Собранието, активностите на планот на интеграцијата на земјата, очекувањата од Советот на ЕУ за отворање на преговори и можностите за конструктивна и конкретна регионална соработка. Тој ја потенцираше важноста од меѓусебната билатерална соработка и продолжување на истата на највисоко ниво, како и на ниво на пратеничките групи за соработка, штом тоа го дозволат здравствените услови.
Џафери се заблагодарил на хуманиот гест на солидарност на Република Србија во процесот на имунизацијата против Ковид-19 на нашите граѓани, на што и ние возвративме со соодветен гест односно, ослободување од плаќање патарина во летниот период за српските туристи кои транзитираат низ земјава.
Осврнувајќи се на значењето на стабилен и мирен регион на Западен Балкан, претседателот на Собранието истакнал дека Република Северна Македонија ќе го поддржи секое заемно прифатливо решение во дијалогот Белград – Приштина, во насока на задржување на позитивната добрососедска политика и градење силен и просперитетен регион, целосно интегриран во ЕУ.
Амбасадорката Јовановиќ ја пренела поддршката на највисокото српско државно раководство на евроинтеграцискиот процес на Република Северна Македонија, при што подвлече дека, секое одлагање на почетокот на преговори и непотребното вмешување на билатералните спорови, само го намалува кредибилитетот на Унијата, го менува јавното мислење и ја намалува широката граѓанска поддршка. Јовановиќ истакнала дека особено ја радува богатата меѓупарламентарна соработка која и понатаму искрено ќе ја поддржува и продлабочува, а ќе работи и на планот на јакнење на економската соработка, зголемувањето на трговската размена и проширувањето на меѓуграничната соработка.