Судскиот процес за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски денеска во Основниот кривичен суд Скопје продолжува со сведочење на обвинетиот Влатко Кешишев, кој треба да одговара на прашања на бранителите на останатите обвинети. Според најавеното, по сослушувањето на Кешишев, треба да сведочат таткото на Вања, Александар Ѓорчевски и Љупчо Палевски.
На изминатото рочиште Кешишев изјави дека Панче и Вања прв пат ги видел по објавите на Фејсбук за нивното исчезнување. Тој сведочеше за нивните грабнувања при што според неговите одговори за истите во главно имал улога да чува стража.
Одговарајќи на прашања на јавниот обвинител кои се фокусираа на комуникациите со сообвинетите, мотивите и свесноста на обвинетиот за сериозноста на ситуацијата, Кешишев призна дека бил под влијание на Љупчо Палевски, но тврди дека не бил целосно свесен за своите дејствија.
На прашања на бранителите на останатите обвинети, Кешишев даде детали за движењето на обвинетите на денот на убиството на Панче Жежовски и посочи дека прв пат за таткото на Вања разбрал кога го довеле во притвор.
Во обвинението стои дека Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски, заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „Цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес.