Навременото откривање на дијабетесот, адекватната и навремена терапија, здравиот начин на исхрана, физичкатa активност и избегнување на стресот се клучни во борбата и компликациите со оваа болест, беше истакнато на одбележувањето на 14 Ноември, Светски ден на дијабетесот во собраниската Комисија за здравство.
Претседателот на Националната комисија за дијабетес, Ирфан Ахмети рече дека фокусот треба да биде на превенцијата и раното откривање на дијабетесот. Укажа на здравиот начин на исхрана, избегнување на стресот, физичка активност. – Дијабетесот зазема пандемиски размери. Компликациите на големите крвни садови се присутни кај речиси 50 отсто од заболените, додаде Ахмети.
Државниот секретар во Министерството за здравство, Владимир Милошев ја истакна нивната целосна посветеност во обезбедувањето квалитетна инсулинска терапија за лекување на болните од дијабетес. Посочи дека во тек е тендерската постапка за обезбедување на годишните количини на инсулинска терапија за болните и воведување три нови типови инсулин од најнова генерација меѓу кои еден е за деца до 14 години.
– Во Македонија 500 деца на возраст до 14 години се заболени од дијабетес. Следен чекор е обезбедувањето сензорни мерачи на шеќер во крвта што ќе помогне во контролата на гликемијата кај децата и кај бремените жени кои го имаат гестацискиот дијабетес. Министерството за здравство од оваа година го укина паралелниот увоз на инсулинот со што ќе обезбедиме квалитетен инсулин, додаде Милошев.
Претседателот на Асоцијацијата за детски дијабетес – Баланс МК, Наташа Деспотовска Димитриевска рече дека алармантно е што расте бројот на мали деца со дијагностициран дијабетес.
Во рамки на одбележувањето на членовите на собраниската Комисија за здравство им беше измерено нивото на шеќер во крвта како симболичен чин на поддршка кон заложбите за подобрување на состојбите со дијабетесот.