Протест на здруженијата на дијабетичари: Да се смени моделот на набавки за да нема доцнења

Од:

Сојузот на здруженијата на дијабетичари денеска протестираше пред Министерството за здравство со барање за основни права за терапии и помагала за дијабетичарите, како и исполнување на ветувањето од денешната средба што ја имаа со министерот за здравство Фатмир Меџити. Иако на денешната средба тие постигнаа договор за набавка на ленти, на протестот упатија уште многу барања кои се неопходни за нив, како што се промена на моделот за добивање на ленти и апарати, промена на законите за јавни набавки и да не зависат од рокови и поединци.

– Денеска е потпишан конечно и договорот после седум месеци и сите процедури и правила, договорот за глукомери и ленти. Значи, пристапено е и кон конечна одлука, се прави економска анализа за следната година промена на моделот за добивање на ленти и апарати, а тоа ќе биде преку референтна цена преку нивен систем – модел којшто ќе го кажат покасно, истакна на денешниот протест претседателот на СЗД, Диме Велев.

Тој рече дека укажано е дека нив ги интересира законот за здравствена заштита за во иднина да нема процедури.

– Министерството пристапува кон промена на моделите, не за да се избегнат јавните набавки, туку да ги нема. Да, имаме право на избор и државата да ни дава нас како и сите други земји нормално, особено од ЕУ, право на избор сами да набавуваме тоа што ни треба, зборувам за помагала. Терапијата ќе си ја добиваме повторно преку докторите, преку државата како и досега без каснење, додаде Велев

Нагласи дека мора да се направи модел да се изменат и законите за јавни набавки сите хронични болести меѓу кои и дијабетесот и дека не може да зависат од рокови, не може да зависат и не смеат да зависат од поединци.

Информираше дека од понеделник ќе има неограничена антидијабетната терапија и нема да има веќе редуцирани издавања на антидијабетна терапија, ниту џилпи инхибаторите, ниту кардиоваскуларните превенции.

Но, во однос на глукомерите и лентите апелираше министерството да не чека 60 дена по потпишување, како што е според закон, туку, како што кажа, најскромно е седум дена, односно другата недела да се делат ленти и апарати за ТИП 1 додека за ТИП 2 може и покасно.

– Вие знаете дека од 4 јули оваа година Сојузот го промени ставот веќе бараме сите лица со Тип 1 во неколку фази да добијат сензори за да имаат прсти нормално да функционираат и нормално да живеат. Сакаме нови терапии за ретинопатија, сакаме нови терапии и за бубрежни заболувања коишто прават превенции, додаде Велев.

Како последно барање го наведе враќањето на редовната едукација кај медицинските сестри и кај докторите коишто на секој дијабетичар му следи.

– Нашата крајна цел е токму континуирано обезбедување на современа инсулинска и друга антидијабетна терапија и таблетарна, помагала за мерење шеќер на сите пациенти и во секое време ќе бидеме и се погласни и партнери, но ние немаме друга опција освен постојано да потсетуваме дека сме тука и дека можеме и да соработуваме, рече Велев.

Јовче Цветков, родител на 15 годишно дете со дијабетес, во изјава за медиумите рече дека со години минуваат низ голгота, делумно заради самата состојба која бара 24-часовно родителско внимание, но најмногу заради системскиот хаос.

– Седум месеци сме оставени на немилост од државата, на институциите и нејзините лидери кои благодарение на нас и даноците кои ги плаќаме седат на функционерските фотелји. Упатуваме апел до нив. Се надеваме дека ова ќе биде последно вакво обраќање до нив и во иднина дека редовно ќе се набавува терапијата за лицата со дијабетес како што и понатаму ќе продолжиме да се бориме за правата на лицата со дијабетес, истакна Цветков.

Младата Миа Чичкариќ, којашто е член на здружението, подвлече дека 125 ленти им следат месечно, меѓутоа тие не ги добиле лентите во изминатите седум месеци.

– Меѓутоа, денеска ни соопштија една навистина радосна вест дека е потпишан тендер за набавка на сензори за безболно мерење на гликемијата во крвта. Тие ги има во речиси сите држави од соседството, но ние се бориме да ги има за сите лица со дијабетес Тип 1 затоа што ние континуирано ги боцкаме прстите. Може еден ден да го изгубиме и осетот. Затоа ги повикуваме уште еднаш да ја размислат својата одлука, да донесат конечна одлука за цел да имаме сензори за безболно мерење на гликемијата во крвта, посочи Чичкариќ.

Михаела Шурковска од Прилеп упати барање за обезбедување на игли, ленти и глукомери кои се точни.

– Се надевам дека во иднина ќе имаме поточни глукомери за да бидеме побезбедни и ние а и тие околу нас и се надевам дека ќе добиеме сензори за безболно мерење гликемија затоа што навистина не можеме постојано секој ден да се боцкаме, не еднаш, не е двапати, не е трипати, безброј пати се, тоа го знаат многу добро лицата со дијабетес Тип 1 особено, како и нивните родители, рече Шурковска.

Претседателот на СЗД кажа дека до среда очекуваат сите аптеки да делат игли за инсулинските пенкала, како и антидијабетната терапија, апелираше и до сите членови да го проверат тоа по аптеките и да известуваат околу тоа.

Би можело да ве интересира

Министерството за здравство тврди дека сите пациенти со дијабетес примаат инсулинска терапија

Повторно има недостиг на инсулин алармираат дијабетичарите

Оваа година е најтешка за нас велат дијабетичарите

Пензионерка до Меџити: Ние со еден бубрег кога ќе добиеме ленти за мерење шеќер, пензијата од 12.500 не стигнува за нашите лекови

Орце Костов

Меџити: Надминат е проблемот со набавката на ленти за мерење шеќер

Катерина Ѓуровски

Дијабетичарите најавуваат тужби поради немање терапија, од МЗ велат дека се прават напори да се надминат проблемите