ВИДЕО: Светската атракција „2Cellos“ вечерва на Античкиот театар во Охрид

Од:

Светската атракција, виолончелското дуо од Хрватска „2Cellos“ вечер на сцената на Античкиот театар ќе одржи целовечерен концерт како дел од музичката програма во рамки на Фестивалот „Охридско лето“.

Традиционално секоја година фестивалскиот термин на празникот Илинден е резервиран за настап на атрактивни гости, овојпат со хрватските виртуози Лука Сулиќ и Стјепан Хаузер, кои прв пат ќе се претстават пред македонската публика.

Успехот на младите уметници почна кога двајцата поранешни „ривали“ ги здружија креативните сили. Нивната изведба на композицијата „Smooth criminal“ на Мајкл Џексон на музичкиот интернет портал „Ју-тјуб“ за неколку дена стана светска сензација, постигнувајќи милионска гледаност, што резултираше со потпишување договор со „Sony masterworks“ за снимање це-де и покана да бидат дел од светската турнеја на Елтон Џон.

Нивната популарност оттогаш вртоглаво расте, со покани за настапи на најпознатите музички сцени и најпопуларните телевизиски шоуа во Европа и САД.

Хаузер и Сулиќ свират виолончело од рано детство. Сулиќ музичко образование стекнува на Ројал колеџот во Лондон, додека Хаузер на Ројал нортерн музичкиот колеџ во Манчестер. Имаат настапувано во познатите Вигмор и Ројал Алберт Хол во Лондон, потоа на сцените во Амстердам, Виена.

Сулиќ е добитник на повеќе меѓународни награди, вклучително и на Прва и Специјална награда на Меѓународниот натпревар Лугославски во Варшава. Хаузер, инаку последниот ученик на големиот Мстислав Ростропович, бил првак на дури 21 меѓународен натпревар. Двапати има настапувано пред англиското Кралско семејство во Бакингемската палата во Лондон.

Би можело да ве интересира

Левица: Министерот – глумец контра правата на културните работници

Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“

Македонскиот КИЦ во Загреб еден од партнерите на хрватската кино премиера на „Приказната за Силјан’

За наградата „Роман на годината“ во „трка“ 45 романи

„Матица“ го објави мега-хитот „Разоткривање“ од Зорана Шулц – продолжението на „Вкусот на гревот“ на македонски

Излезе од печат првата разгледница „Поздрав од Голо Брдо“