Сведок ги препозна двајцата напаѓачи на судењето за убиството на Саздовски

Од:

На денешното рочиште за убиството на 20-годишниот навивач од „Комити“ повеќе од два часа сведочи сведокот Миле Алексовски, кој за време на нападот бил на автобуската постојка.

Алексовски, кој се наоѓал на неколку метри од нападот, ги препозна двајцата напаѓачи Бесир Беља и Скендер Демири, кои според обвинителниот акт заедно со Ј.Љ.(19), кој е во бегство, на 29 јуни годинава крвнички го претепале Саздовски на автобуската постојка пред фабриката „Алкалоид“ на булевар „Александар Македонски“ во Автокоманда.

Тој во своето сведочење изјави дека обвинетите заедно со уште едно лице го удирале сега починатиот Никола Саздовски. На крајот од нападот двајцата тргнале со возило „мерцедес“ додека едниот останал и со нога го удирал Саздовски во пределот на вратот.

– До мене беше покојниот Никола и девојката, дојдоа тројца дечки мислев дека се знаат, му побараа лична карта и почнаа да го удираат. Викав остајте го детето ќе викнам полиција. Тоа траеше околу минута, минута и пол. Детето падна од удирањето и удри на главата. Двајца дечки побегнаа накај колата „мерцедес“, а едниот го удри со нога на вратот. Ја запалија колата и отидоа, истакна сведокот Миле Алексовски на рочиштето за убиството на Никола Саздовски.

Сведокот Алексовски вели дека воопшто немало крв. Тој посочи дека се обиделе да го освестат детето, го вртеле на страна, но испуштил крв од уста. Повикале брза помош, но задоцнила, а кога дошла полиција дал изјава, посочи сведокот.

Претходно обвинителот побара исклучување на јавноста поради вознемиреност на сведокот, но судечкиот совет го одби барањето.

Јавниот обвинител Анел Фидовски, во воведен говор, кажа дека ќе докаже оти двајцата обвинети Бесир Беља и Скендер Демири заедно со третообвинетиот, кој е во бегство, со умисла го лишиле од живот Никола Саздовски на начин што на 29 јуни годинава на автобуската кај „Алкалоид“ го претепале нанесувајќи му смртни повреди.

Во воведен говор адвокатот Насер Руфи рече дека обвинетиот Беља немал никаква намера, ниту умисла да го лиши од живот Саздовски и додаде дека ќе докажат дека единствена причина за смртта која настапила е поради ударот во метална кутија на ЕВН што се наоѓа на автобуската постојка.

Адвокатите посочија дека ќе докажат дека правната квалификација на делото е погрешна.

Двајцата од напаѓачите, Бесир Беља и Скендер Демири, се во притвор во затворот „Скопје“ во Шутка, а за третоосомничениот, кој се уште е недостапен за органите на прогонот распишана е домашна и меѓународна потерница.

Виктор Јованов

Би можело да ве интересира

Судењето на трето обвинетиот во случајот за убиството на Никола Саздовски одложено за 2 април

Ана Ололовска

Продолжува судењето на третообвинетиот во случајот за убиството на Никола Саздовски

Ана Ололовска

ОЈО за уште едно лице поднесе обвинителен акт за убиството на Саздо

Ана Ололовска

Случај „Саздовски” одбраната бара преквалификација на обвинението, обвинителство да се потврдат казните

Ана Ололовска

Јавна седница во Скопска апелација за случајот „Саздовски”

Ана Ололовска

Екстрадиран третиот обвинет за убиството на Саздо

Кристијан Ландов