Свечена академија на УКИМ по повод Денот на Кирил и Методиј

Од:

Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ вечерва, со свечена академија во Македонска опера и балет, го заокружи одбележувањето на 68-годишнината од основањето и на патрониот ден, Денот на светите Кирил и Методиј.

Ректорот на УКИМ Никола Јанкуловски во обраќањето на академијата рече дека „Св. Кирил и Методиј“ во својство на најголем и најстар универзитет во Македонија со регионална и европска препознатливост, се стреми кон интернационализација.

– Успешно ги реализираме нашите заложби перманентно да се зголемува бројот на студентски и професорски мобилности, а голема креативна енергија се вложува и во создавање подобри услови за привлекување поголем број странски студенти, а особено Еразмус + студенти и професори од други универзитети од цела Европа, истакна Јанкуловски.

Најави дека од следната академска година Универзитетот ќе почне со К107 интернационална мобилност, што ќе им овозможи на факултетите поинтензивно да соработуваат со факултети кои не се членки на ЕУ, од САД, Кина, Јапонија, Бразил, Израел и други.

Според Јанкуловски, за одбележување се и активностите за надворешна евалуација од страна на Европската асоцијација на универзитети, кои треба да завршат до април наредната година.

По обраќањето на ректорот, продолжи уметничкиот дел од програмата за што, традиционално, е задолжен Факултетот за музичка уметност (ФМУ) кој, пак, годинава го слави јубилејот – 50 години од своето постоење.

Хорот „Драган Шуплевски“ и симфонискиот оркестар на ФМУ, под диригентство на Бисера Чадловска и во режија на Дејан Прошев, исполнија нумери од најголемите мајстори на операта. Солисти беа Славица Птеровска – Галиќ, Весна Гиновска – Илкова и Горан Начевски, кои се дел од наставничкиот кадар на Факултетот, нивните студенти, како и сегашните и поранешните студенти по балетска педагогија и солисти во МОБ.

Во рамки на одбележувањето на 68-годишнината и патрониот ден, утрово беше организиран Молебен посветен на светите браќа Кирил и Методиј, а беше положено и цвеќе на споменикот на светите Кирил и Методиј во УКИМ, по што, во Ректоратот на Универзитетот се одржа научна дебата на тема „Импакт-фактор: да или не?“.

Би можело да ве интересира

Втор уписен рок за прва година на УКИМ, слободни места има на речиси сите факултети

Почнува уписот на УКИМ, слободни над 9900 места за студенти во прва година

Упис на УКИМ на 29 и 30 август, слободни над 9900 места за студенти во прва година

Средба на претседателката Сиљановска Давкова со македонисти од 57. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ

Предраг Петровиќ

На УКИМ слободни 9.921 места за упис во прва година во 2024/2025

Горан Наумовски

УКИМ повторно рангиран на 1.990 место од 2.000 најдобри универзитети во светот