Суштината на Божикниот пост и како да се пости

Од:

Православните верници ширум светот кои го сметаат времето по јулијанскиот календар, на 28 ноември го почнаа шестнеделниот пост со кој се подготвуваат за празникот на Христовото раѓање – Божик.

Црковните правила наложуваат верниците до Божик, 7 јануари, да се воздржуваат од нечисти мисли и дела, а својата духовна снага да ја поткрепуваат со телесно воздржување од силна и мрсна храна.

Имено, суштината на постот не е само воздржувањето од храна, како некој вид на диета, како што, за волја на вистината, го практикуваат поголем број од луѓето, туку во поширока смисла на зборот, под пост се подразбира целокупниот начин на егзистенција во Црквата.

Телесниот пост кој претставува воздржување од некои јадења во пропишаниот период, мора да биде поврзан со духовниот, бидејќи нема вистински пост без покајание, смирение, љубов кон ближните и размислување за Бога. Под терминот постење во христијанството се подразбира воздржување од мрсна и обилна храна, како и воздржување од сите грешни телесни задоволства, наслади и уживања во одредени временски периоди во годината.

Според христијанството, со постењето се челичи човековиот дух, бидејќи го скротуваме нашето тело и го потчинуваме на духот. Тоа значи дека постои телесен пост, кога телото се воздржува од храна и духовен пост кога душата се воздржува од лоши мисли, зборови и лоши дела. Правилен и вистински пост е само тој пост кога човекот не ги запоставува ниту телесниот, ниту духовниот пост, па се воздржува од секое зло.

Божиќ 3

Помодарство или вистинска вера

Факт е дека многумина меѓу нас на постот гледаат како на еден вид на диета и начин да ослабнат.Мора да се признае дека, иако после периодот на атеизам, во последниве дваесетина години се случи масовно враќање кон црквата и кон Бога, тоа враќање во голема мерка страда од помодарство. Всушност, „фотороботот“ на просечниот македонски верник би бил дека верува, ама не знае ниту зошто, ниту како.

За жал, само дваесетина проценти од православните Македонци се убедени верници кои го прочитале Светото писмо, кои знаат што е суштината на евхаристијата (Светата причест), кои редовно одат на литургии…Иако реално навистина се зголеми бројот на оние кои освен што ги посетуваат верските објекти за време на големите празници, масовно ги практицираат и светите тајни, како што се крштавањето или венчавањето, за жал, повеќето од нив не го знаат нивното значење.

Суштината на постот

Во почетокот христијанството проповедало многу ригорозни постови, но со текот на времето постовите станале полиберални. Православните христијани постат без месо, млеко, јајца и масти, а католиците само без месо. Христијанството препорачува таканаречени еднодневни и многудневни постови.

Православните и католичките постови се разликуваат и временски поради фактот што се уште во некои православни цркви, вклучувајќи ја и нашата, се почитува таканаречениот стар, односно, јулијански календар во однос со новиот, односно, грегоријанскиот календар, кои се разликуваат за 14 дена. Инаку, постот е востановен уште во Стариот Завет кога Бог им забранува на прародителите да јадат од дрвото на познавањето на доброто и злото.

Во Стариот Завет имаме многу примери за пост: светиот пророк Мојсеј Боговидец постел 40 дена и 40 ноќи за да се подготви да ги прими Десетте Божји заповеди; светиот пророк Илија со строг пост, духовна чистота и голема ревност за Господа се удостоил да ја види Божјата слава, а, пак, светиот Јован Крстител е познат како најголем и најстрог испосник. Воопшто, сите праведници постот го запазувале во помала или поголема мерка. Самиот Господ Исус Христос се подготвил за сеопшто служење и за искупителниот подвиг преку 40-дневен пост (Матеј 4, 2).

Во проповедта на планината ги учел своите следбеници каков треба да биде вистинскиот пост: „Кога постите, не бидете жалосни како лицемерите; зашто тие си ги прават лицата мрачни, за да се покажат пред луѓето дека постат. Вистина ви велам, оти тие ја добиле веќе својата награда. А ти, кога постиш, помажи ја главата своја и измиј го лицето свое, па да се покажеш дека постиш не пред луѓето, туку пред твојот Отец, Кој е во тајност; и твојот Отец, Кој гледа тајно, ќе те награди јавно“ (Матеј 6,16-18).

Оние кои поверувале во Христа започнале да постат уште во времето на апостолите. Првите христијани постеле строго, често и продолжително, за да се подготват подобро за богоугодни подвизи. Во првите векови христијаните постеле не во определено време, туку кога сакале и колку сакале.

Во четвртиот век наоѓаме правила и одредби не само за постоечките, Велигденскиот и Петровденскиот пост, туку и за Божикниот и Богородичниот пост. Четирите поста биле прилагодени кон четирите годишни времиња.

Суштината на христијанскиот пост не е умртвување на телото, како што погрешно се мисли, туку умртвување на гревот во нас, зашто гревот предизвикува пропаѓање и смрт. Закрепнувајќи ја волјата, постот му дава можност на духот да владее со телото.

Кога христијанинот пости треба да се откаже од секакви световни веселби и задоволства, од посетување на места каде што е возможно да згреши со помисла, збор или со поглед. Воопшто, треба да се стремиме, колку што е можно повеќе, поголем дел од мислите да му ги посветиме на Бога и на тајната умносрдечна молитва.

Исто така, вистинскиот пост и молитвата постојат само во Црквата и никогаш надвор од неа. Тоа значи дека тој што пости и се моли треба да е крстен, да се причестува, да се исповеда, да ги почитува и да учествува во сите други Свети Тајни на Црквата.

Божиќ 1

Индивидуално прилагодување на телесниот пост

Во потесна смисла, под зборот пост најчесто го подразбираме телесниот пост, којшто е воздржување од некои јадења во деновите и временските периоди што Црквата ги одредила во текот на годината. При определувањето на телесниот пост треба многу да се внимава бидејќи не е можно секој човек, секоја конкретна личност да си наложува и да се оптоварува со иста тежина.

Во Црквата живеат, се спасуваат и деца во развој (од кои до нивната седумгодишна возраст воопшто не се бара телесен пост како подготовка за Причест) и изнемоштени, остарени луѓе, потоа луѓе кои се болни или пак оптоварени со тешка физичка работа, како и жени, бремени или со доенчиња. На сите ним духовниот отец, свештеникот, ќе им определи пост според нивните телесни сили или ако треба и сосема ќе ги ослободи од него.

Постојат и луѓе коишто иако можеби немаат телесна слабост, духовно се слаби и не можат да го издржат целото правило на постот. Меѓу нив има и такви кои допрва приоѓаат кон Црквата или после подолг период и се враќаат. Духовниот отец треба да биде многу внимателен со нивза да не ги оптовари со пост којшто е поголем од она што тие можат да поднесат и да прифатат.

Одредувајќи им ја на овие луѓе вистинската мера на постот, но и пристапувањето кон Светите Тајни, ним ќе им се помогне во натамошното духовно растење. Од друга страна, пак, претераноста, неодмереноста во постот може да го парализира и запре нивниот духовен развој. На оваа тема црковните луѓе ја прават следнава споредба: „Знаеме дека ни на новороденото дете не му се дава веднаш тврда храна, туку најнапред млеко. Ако оваа претпазливост е потребна за телесното растење дотолку повеќе е значајна и за духовното“, велат тие.

На оваа тема пишува и нашиот светогорски монах, големиот испосник и духовен отец, Епископот Велички Гаврил од Лесновскиот манастир, кој постојано живееше во најстрог пост: „Оние што воопшто не постат нека почнат да постат, ако мислат да се спасат и душата да им влезе во Царството Небесно.

Но, тие не можат веднаш да го усвојат целото правило, туку најнапред нека постат во среда и во петок, во првата и во последната недела од постот, а потоа со текот на времето ќе се трудат, а Господ ќе им помогне да го примат полното правило, така што по некое време и тие ќе постат уредно… Освен тоа, почетникот најнапред може во посните дни да не јаде месо и маст, а да јаде сирење и јајца, така што со текот на времето ќе мине на целосен пост.“ (Правила и одредби на Православната Црква за постот, од Епископ Велички Гаврил Светогорец).

Правила на Божикниот пост

Правилото за овој пост е: понеделник, среда и петок, јадењата се подготвуваат на вода, вторник и четврток со масло за јадење, сабота и недела масло плус може и риба. Во деновите кога јадењето е подготвено на вода не е дозволено конзумирање алкохол. Под посна храна се подразбира храна во која нема млеко, јајца и месо.

Постот трае 40 дена, до Божик – денот на раѓањето на Исус Христос. Бидејќи датумот на Божик не се менува, постот секоја година почнува на 28 ноември, а завршува на Бадник, 6 јануари.

Во Православната црква практика е во текот на Божикниот пост верниците да се исповедаат и по можност да се причестат за да бидат што подостојни во подготовката за празнување на Христовото раѓање. Целта на постот е да се „исчистат духот и телото, што се постигнува, не само со воздржување од мрсна храна, туку и од лоши мисли, зборови и дела. За време на Божикниот пост, посни се и сите славски трпези.

Би можело да ве интересира

Обичаи за вториот ден од Божиќ: Заблагодарете се на Богородица

А1он

Познати личности кои слават Божиќ на 7 јануари

А1он

Мицкоски во Божиќната честитка: Раѓањето на синот Божји ја симболизира надежта за подобро утре

А1он

Ковачевски со честитка за Божиќ: Раѓањето Христово е симбол за нов почеток, за нови можности што носат добро за сите!

А1он

Православните христијани го слават Христовото раѓање

А1он

(ВИДЕО) Зечевиќ за Божиќ: Симболот на раѓањето нова надеж, нека биде поттик за добри дела и нова можност за сегашните и идните генерации

Предраг Петровиќ