Кога се работи за судството и обвинителството, не се дозволува и остава ништо на случајност. Мора подобност и послушност, дури и кога не се почитува Устав и закони. Последен од редот несфатливи одлуки е повторниот избор на Петар Аневски за претседател на Советот на јавни обвинители.
На Аневски ова ќе му бидат нови две години шанса за претседателствување со Советот. Во Законот за Совет на јавни обвинители во член 8 јасно пишувa:
(1) Советот има претседател кој го претставува и раководи со Советот.
(2) Претседателот на Советот се избира од членовите на Советот, од редот на избраните јавни обвинители, со мнозинство гласови од вкупниот број членови со тајно гласање.
(3) Мандатот на претседателот на Советот трае две години, без право на повторен избор.
Дали ќе се даде образложение како на Аневски сега му сметаат нов мандат, кога законски дозволениот го заврши? Вадење дека е нов состав на Советот не држи, зошто тоа може така да се толкува во недоглед.
Аневски и стана познат на јавноста бидејќи беше еден од најголемите кочничари и критичари на Катица Јанева.
Дали ќе се молчи како во случајот со Анета Арнаудовска, која со повеќе од две години истечен мандат, се уште се претставува како директор на Академијата за судии и обвинители, па имаше и желба да биде во Судот во Стразбур.
За директор е избрана во октомври 2006 година, а реизбрана во септември 2010 година.
Според Законот таа нема право на трет мандат, но се уште седи во директорската фотеља. Доколку беа испочитувани прописите, Арнаудовска пред повеќе од две години требаше да се врати во Основен 1, од каде што и дојде на позицијата директор. Во јавноста повеќе пати беше поставувано прашањето зошто Арнаудовска е незаменлива како директор на Агенцијата.
Дискутабилен е случајот и со поранешниот претседател, потоа член на Советот на јавни обвинители Костадин Кизов, инаку пензионер и награден од владеачкото мнозинство и избран за член на Судскиот совет.
Кизов е роден на 13 август 1952 година, и со навршени 64 години, според Решението на Советот на јавни обвинители наместо да ужива во пензионерските денови како и група обвинители, тој сега носи одлуки во Судскиот совет. Дали одлуките што ги носат се незаконски, бидејќи таму седи пензионер.
И Законот за Судски совет пропишал дека еден од условите за престанок на мандатот на член на советот е и исполнување на условите за старосна пензија.