Уставниот суд на денешната седница го укина членот 144 од Законот за судска служба, кој се однесува на доставувањето докази за познавање странски јазици и работа со компјутерски програми за канцелариско работење од страна на судскиот службеник.
– Судскиот службеник кој засновал работен однос во судот заклучно со денот на започнувањето со примената на овој закон, треба да достави докази за познавање на странски јазици и познавање на работа со компјутерски програми за канцелариско работење, соодветни на неговото работно место, се пропишува во ставот 1 од членот 144.
Во истиот член од Законот за судска служба, во ставот 2, исто така, се пропишува дека судскиот службеник кој нема да достави докази за познавање на странски јазици и познавање на работа со компјутерски програми за канцелариско работење ќе биде распореден на работно место за една категорија пониско од работното место на кое бил во моментот на влегување во сила на Законот, освен судските службеници кои на денот на отпочнување со примена на овој закон биле распоредени на работно место на влезните нивоа.
Судот денеска ги отфрли иницијативите поднесени на членови од законите за средното и за основното образование, кои го регулираат екстерното проверување на постигањата на успехот на ученикот.
Во иницијативите се бара укинување на екстерното оценување, потоа ова оценување да не влијае на општиот успех на ученикот, како и на тоа наставниците чии резултати од испитувањето ќе покажат отстапување во оценувањето да не бидат отпуштени од работа.
Судот ги отфрли иницијативите бидејќи овие законски одредби веќе биле ценети во минатото.
Од Судот потсетуваат дека делот од членот кој се однесува на влијанието на екстерното оценување на општиот успех веќе го нема во законот, бидејќи во 2016 година со измените на законите за средно и за основно образование е тргнат од самиот законодавец.
Во однос пак на одредбата која се однесува на отказот на наставниците и професорите, Судот веќе ја ценел во 2013 година и утврдил дека не е спротивна на Уставот. Според мислењето на Судот неосновани биле наводите во иницијативата за законите за средното и основното образование затоа што не станува збор за услов за вработување на наставниците, туку за санкционирање на нестручното и непрофесионалното работење на наставникот/професорот кое се манифестирало преку необјективно оценување.