ВИДЕО: Судскиот совет го разреши Јово Вангеловски

Од:

Судскиот совет на денешната седница го разреши Јово Вангеловски од функцијата претседател на Врховниот суд, поради нестручно и несовесно вршење на функцијата.

Седницата на која имаше повеќе точки на дневниот ред, почна во 10.30, а заврши во 13.30 часот. Тричлената комисија за извештајот за Вангеловски ја сочинуваа Лидија Каначковиќ, Владо Богдановски и Сашо Ѓорѓиевски.

Сега Вангеловски има право на жалба до Врховниот суд. Разрешување за него беше побарано во декември 2017 година.

Вангеловски е разрешен со 7 гласа од 10 членови на Советот. Тој е разрешен и од судиската функција, покрај претседателската. Избран е и ВД претседател. Претседателот на Судскиот совет, Киро Здравев не сакаше да открие кој е назначен на местото на разрешениот претседател на судот.

Разрешувањето на Вангеловски е поради одлуката да го спаси од притвор бизнисменот Сеад Кочан во предметот „Труст“ на СЈО.

Според информации на А1он, разрешена е и врховната судијка Рахилка Стојковска.

Вангеловски без ден судиски стаж, со три години искуство како стручен соработник во Окружниот стопански суд и 20 години адвокатско искуство, во мај 2008 година беше избран за судија на Врховниот суд, во граѓанскиот оддел.

Два месеца по изборот, беше избран за претседател на Врховниот суд, функција која ја вршеше до 2012 година. По мандатот на Лидија Неделкова, во 2017 повторно на итна седница на Судскиот совет, беше избран за претседател на Врховниот суд.

Вангеловски во 2015 година беше споменуван и во прислушуваните телефонски разговори на опозицијата во негов разговор од 2011 година со министерот за транспорт Миле Јанакиески, за случајот „Глобал“.

Тој беше повикан и на распит во Скопското обвинителство за сомнеж за местење предмети во судот и изигрување на АКМИС системот и годишните распореди за работа на судиите, но Обвинителетвото не го осомничи.

Вангеловски е кум со поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски. Првиот човек на Врховен, отвори правна војна со тимот на специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева.

Јово Вангеловски има долг анкетен лист. Во имотниот лист навел дека има четири стана во Скопје, деловен простор, градежно и земјоделско земјиште. Вози „Мерцедес“ Е 300 кој го купил во 2013 година, а освен тоа во гаражата на семејството Вангеловски уште има и „Лексус“, „Тојота“ и „Крајслер“.

Поседува многу акции од кои зема дивиденда, а има и неколку кредити. Претседателот на Врховен е љубител на уметнички слики, а поседува сребрен и златен накит и два рачни часовници „Картие“.

Би можело да ве интересира

Судски совет донесе заклучок за продолжување на постапката за избор на двајца членови на Советот

Судски совет донесе одлука за пензионирање на двајца судии

Судски совет ги оспори пред Уставен суд законските измени со кои се стопираше зголемувањето на платите на судиите

Судски совет: Со интервенција во законот директно се влијае врз нормалното функционирање на судовите

Ѓорѓи Андонов и Тодор Поп Панев избрани за судии во Апелациониот суд Штип

Судскиот совет добил претставка и постапува по одлуката на Врховен суд за зградата на ССМ