Судски совет: Основниот кривичен и Граѓанскиот суд во Скопје се неажурни

Од:

Судскиот совет на денешната 431 седница едногласно со 13 гласа го разгледа и усвои Извештајот за работата на судовите за 2022 година, согласно кој судовите на ниво на државата не го совладале приливот на предемти и го зголемиле за околу 11 илјади.

Согласно Извештајот од вкупно 34 суда, во 2022 година за ажурни се сметаат 19, а неажурни се 15, од кои два апелациони.

За споредба во 2021 година ажурни биле 15, а неажурни 19 судови.

Известителот Мирјана Радевска Стефкова, член на Судски совет, информира дека во 2022 година во судовите нерешени имало 97 330 предмети и примиле 660 682 нови предмети. Од нив 590 897 се решени, а 109 123 предмети останале нерешени.

Приливот на предмети во судовите во 2022 година е зголемен за 32 илјади, во однос на претходната 2021 година.

Врховниот суд за разлика од 2021 кога бил неажурен во 2022 се смета за ажурен, бидејќи го совладал приливот и го намалил заостатокот за 149 премети.

Според извештајот, Апелација Скопје е ажурен и го намалил приливот за 54 предмети, а за ажурни се сметаат и Основните судови Дебар, Гостивар, Велес, Гевгелија, Кавадарци, Кратово, Крива Паланка, Куманово, Неготино…

За неажурни се сметаат повеќе Основни судови, меѓу кои во Кичево и Тетово.

Основниот кривичен суд Скопје не го совладал приливот и го зголемил бројот на нерешени за 2 829 предмети и се смета за неажурен. Граѓанскиот суд Скопје, исто така, се смета за неажурен, бидејќи не го совладал приливот и го зголемил бројот на несовладани за 2 864 предмети.

На седницата на Судскиот совет, исто така, беше посочено дека Извештајот го покажува фактот дека судовите се соочуваат со недостиг на кадар и работат со помал број судии и службеници, согласно систематизацијата.

Судскиот совет, донесе заклучок, да се формира работна група што ќе направи анализа за мрежата на судови, што ќе покаже детална слика за состојбата.

Претседателката на Судскиот совет Весна Дамева, на денешната седница, изрази позитивен став, посочувајчи дека на ниво на државата судиите успеале да го совладаат големиот број на предмети и дале надчовечки напор, со оглед на бројот на судии.

-Останувам на мојот став, дека има навистина чесни и совесни судии, кои треба да се валоризираат за својата работа, изјави Дамева.

Судскиот совет претходно на денешната седница со 12 гласа за и еден против ја избра Весна Толева за Генерален секретар на Судскиот совет. За функцијата имало само двајца кандидати, досегашниот в.д. Генерален секретар Весна Толева и државниот секретар Јулијана Георгиевска.

Георгиевска, со шест гласа за и седум против, не го доби потребниот број гласови, додека за изборот на Толева гласаа 12 членови на Судскиот совет и само еден против.

Претседателката на Судскиот совет Весна Дамева, на почетокот сподели резултати од спроведената внатрешна анкета на вработените, на која Толева добила 11 гласа, а Георгиевска – 14 гласови, но одби да даде свој предлог за да не влијае.

Дел од членовите на Судскиот совет пред гласањето реагираа дека Генералниот секретар би требало да го предложи претседателот, со оглед дека тој најмногу работи со претседателот на Советот, по што Дамева рече дека нејзин предлог е Толева, имајќи во предвид дека е задоволна од нејзината досегашна работа како в.д. Генерален секретар.

Судскиот совет го избира Генералниот секретар со седум гласа од вкупниот број членови на советот.

Би можело да ве интересира

Нема да вршиме политички притисок, судиите да го испорачаат тоа за што се платени од граѓаните, вели Мицкоски

Судир на Антикорупциска и Судски совет за Академијата за судии и обвинители

Судскиот совет ја отфрли Иницијативата од ДКСК за одговорност на членови од Управниот одбор на АСЈО

Членовите на Судскиот совет се против реформите затоа што удобно седат во фотелји, земаат плата и имаат само два проценти доверба вели премиерот

Катерина Ѓуровски

Подготвен сум да разговарам за предлогот за распуштање на Судскиот совет и на Советот за јавни обвинители, вели Мицкоски

Дамева: Не треба да има колективна, туку индивидуална одговорност