Извештајот на Институтот на судската медицина кој денеска беше презентиран на рочиштето за убиството на 20-годишниот Никола Саздовски, како што образложи вештото лице од Институтот, директно укажува дека смртта на Саздовски настанала од трите удари кои ги примил во главата, а не од падот врз електронската кутија, како што тврдат адвокатите на обвинетите.
– Врз основа на извршената судско-медицинска обдукција остануваме во целост со претходно дадените мислења по однос на причината за смртта, начинот на добивање на повредите и страдањата кај покојниот. Како дополнение се анализирани и изјавите на учесниците и сведоците во текот на реконструкцијата и самата местоположба на настанот каде бил овој чин. Утврдивме дека сега покојниот, повредите кои ги здобил се нанесени со директен удар, сила во пределот на глават и слабинската регија, а не се настанати со пад на асфалт или електронска кутија, што беше посочена при самата реконструкција. Повредите во пределот на главата претставуваат причина за настапување на смртта, рече вештото лице од Институтот за судска медицина.
Според извештајот, Саздовски при физичкиот напад се здобил со повредите, истегнување на зглобот кај првиот вратен пршлен со што дошло до оштетување и на нервните васкуларни структури, ударите во пределот на главата довеле до оштетување на крвните садови кај мозочните обвивки. Од овие повреди сега покојниот Саздовски почувствувал болка од силен интензитет која траела не повеќе од 2 минути со оглед на тоа што од здобиените повреди тој изгубил свест.
– Освен на главата повреди се нанесени и на масната капсула околу левиот бубрег што укажува на делување на тапо тврда сила во делот на слабинската регија. Оваа повреда довела до крварење. Повредите во главата, конкретно околу окото, се настанати со тапо-тврда сила со голем интензитет. Со оглед дека нема други оштетувања околу окото констатираме дека таа може да настане од удар со тупаница. На десната јаболчна регија има јасно отсликана шара која укажува дека еден од обвинетите со ѓон го има удрено починатиот Саздовски односно констатираме дека таа повреда е нанесена со дел од обувка. Крвна покриеност од десниот дел на главата заклучуваме дека е нанесена со тапо-тврда сила од удар а со оглед на тоа дека нема оштетување на кожата во вид на нагмечување констатираме дека не стекната од пад туку од директен удар. Трите удари во главата делуваат кумулативно и не може конкретно да се заклучи од кој точно удар Саздовски изгубил свест, образложи вештото лице од Институтот за судска медицина.
Според обвинителниот акт, обвинетите Бесир Беља и Скендер Демири заедно со Ј. Љ. (19), кој е во бегство, на 29 јуни минатата година крвнички го претепале Саздовски на автобуската постојка пред фабриката „Алкалоид“ на булеварот Александар Македонски во Автокоманда.
Од добиените повреди, Саздовски на 9 јули 2018 година почина на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување – КАРИЛ при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.
Двајцата од напаѓачите, Бесир Беља и Скендер Демири, се во притвор во затворот Скопје“ во Шуто Оризари, а за третоосомничениот, кој сè уште е недостапен за органите на прогонот, е распишана домашна и меѓународна потерница.
Виктор Јованов