Судир Спасовски-Чулев, хаос во МВР

Од:

Нов хаос настана во Министерството за внатрешни работи, откако министерот Наќе Чулев, со телеграма што ја издал утрово, наредил сите организациски единици да постапуваат исклучиво и во согласност со законските прописи, алудирајќи на решенијата издадени со негов потпис. Чулев ја испрати телеграмата откако на вчерашната владина седница беше донесена одлука потпишана од страна на Оливер Спасовски за укинување на 89 решенија за распоредување на работно место што ги донесе техничкиот министер за внатрешни работи Наке Чулев на 6 и 7 февруари оваа година.

Според извори на „А1он“, решенијата биле укинати бидејќи се сметале за незаконски, оти не биле потпишани и од дополнителната заменик-министерка Славјанка Петровска, како што налага Пржинскиот договор, според кој се формира техничка влада.

Вработените се револтирани од ваквите носења и укинувања на решенија. Полицајците се во недоумица чија одлука да почитуваат, односно дали телеграмата која физички е стигната до сите единици при МВР или одлуката која беше донесена на Влада, за која слушаат преку медиумите. Дел од нив, за „А1он“ велат дека притисокот врз нив е голем, особено по напоменувањата на Чулев дека постапувањето спротивно на законските прописи повлекува кривична одговорност, што, пак, го толкуваат дека ако не постапат согласно неговите решенија, ќе бидат гонети за злоупотреба на службената положба и овластување. Истовремено, добиваат укажувања дека мора да ја почитуваат одлуката донесена на владина седница.

„Истовремено во неа укажувам дека секое постапување спротивно на законските прописи повлекува кривична одговорност, односно злоупотреба на службената положба и овластување, што е казниво согласно одредбите на кривичниот законик. Со цел непречено функционирање и остварување на надлежностите на МВР, неопходно е од страна на сите вработени да се почитуваат исклучиво законските одредби, како и хиерархиската поставеност и одговорност“, напиша Чулев на социјалните мрежи.

Ова е втора телеграма од министерот Чулев која прави тектонски промени во МВР. Со првата телеграма ги укина наредбите кои биле пракса изминативе години, а беа донесени од неговиот претходник Оливер Спасовски. Со ваквиот чекор, голем дел од вработените добија решенија кои, пак, сега повторно се укинуваат.

Чулев вели дека одлуката на Спасовски за укинување на 89 решенија е еклатантен пример на практицирање на самовластие и непочитување на Уставот и законите од страна на техничкиот премиер и луѓето кои од негова страна се поставени и раководат со Министерството за внатрешни работи.

„На крајот, го прашувам Оливер Спасовски дали тој ќе понесе политичка одговорност доколку вчерашната одлука за укинувањето на решенијата потпишана од негова страна предизвика безбедносни импликации со кои ќе бидат доведени во прашање безбедноста и сигурноста на граѓаните на Република Македонија“, пишува Чулев.

Би можело да ве интересира

Полициска акција: специјалци апсат во скопски Аеродром

Катерина Ѓуровски

Телефонски измами: МВР апелира да не се даваат лозинки и лични податоци

Кривични за 12 македонски државјани и 1 странец за криумчарење луксузни возила, фалсификување исправи и злоупотреба на службена положба

А1он

Пронајдени десет мигранти во две возила на преминот „Богородица“

Горан Наумовски

Десет претреси кај 10 лица на повеќе локации во Скопје, Неготино, Дојран и Битола

Горан Наумовски

Маж издавал службена полициска тајна, за него нема мерка притвор