Судијата останува – одбиено барањето на Палевски, сведокот Трајковски уште е недостапен

Од:

Основниот Кривичен суд Скопје го одби како неосновано барањето за изземање на судијата Ивица Стефановски, поднесено од првообвинетиот Љупчо Палевски Палчо.

Палевски, на претходното рочиште побара изземање на судијата Стефановски, бидејќи, како што рече, се работи за спрега меѓу судот, полицијата и обвинителството. Според Палевски, недозволиво е судијата да не е заинтересиран за пронаоѓање на оружјето со кое се извршени двете убиства, а пронајдената чаура во близина на Велес да не е доставена како доказ.

Судијата на почетокот на рочиштето информираше дека добил известување од МВР дека сведокот Гоце Трајковски не е достапен на органите на прогонот.

Обвинителката Жаклина Трајковска, рече дека Обвинителството не го повлекува предлогот за негово испитување, бидејќи, како што рече, постои можност да крајот на постапката да стане достапен и биде испитан за околности кои се значајни за постапката.

Трајковски заедно со таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, воделе паралелна истрага и обезбедиле дел од видео снимките од безбедносните камери на околните објекти.

Трајковски, кој како сведок во случајот со убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски е предложен од Обвинителството, е осомничен за друго тешко кривично дело. На брифинг со медиумите во Основното јавно обвинителство на 11 декември минатата година беше посочено дека тој е осомничен за палење на објект во Кисела Вода во кој на горниот кат имало станари. Индикативно е дека настанот за кој е осомничен е неколку дена пред изјавата дека го боли глава за давање исказ пред Судот.

Законот за кривична постапка предвидува читање на исказот даден во истражна постапка доколку лицето не е достапно на органите на прогон, но Обвинителството засега не бара такво ништо, бидејќи по него се трага и може да биде фатен и да даде исказ во постапката за која е сведок.

Првообвинетиот Љупчо Палевски Палчо, на почетокот до Судот поднесе пријава за лажно вештачење против сведокот на Обвинителството Ерол Османи, за што рече дека ќе достави и докази.

Случајот се наоѓа во доказна постапка и продолжува со изведување на материјално докази од Обвинителство.

На минатото рочиште, обвинителката Жаклина Трајковска во кратка содржина пред Судот образложи 180 од вкупно 197 докази, кои се однесуваат на локациите каде биле најдени жртвите, наодите од увидите на истражните органи, најдените траги, обдукциските наоди, како и извештаи од психијатриските вештачења.

Како што посочи обвинителката, жртвите биле усмртени со истрел во главата од непосредна близина, со ист калибар на куршум од 9 милиметри, посочувајќи дека обдукцијата покажала дека Вања не била задушена, односно и двете жртви биле живи во моментот на егзекуцијата. Според ДНК анализата од самолепливата лента која била на устата на Вања, пронајдени се мешани траги од девојчето, како и, најверојатно траги од обвинетиот Велибор Манев.

На судењето беше презентирано и психијатриското вештачење на обвинетите кое покажало дека сите биле пресметливи, односно знаеле што прават во моментот на извршување на делото. За нивните жртви, повикувајќи се на психијатриските наоди, обвинителката Трајковска, рече дека претрпеле тешко психичко страдање со силен интензитет.

На првото одржано рочиште обвинетите Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски се произнесоа дека не се чувствуваат виновни.

Според обвинението, тие заедно испланирале грабнување на 14-годишното девојче со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп, додека, грабнувањето на Жежовски било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „Цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.

Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.

Би можело да ве интересира

Според прикажаните снимки, „цитроенот“ со кој е грабната Вања, во 6.37 утрото бил пред нејзината зграда

Обвинетите ја проверувале рутата три дена пред киднапирањето на Вања, Обвинителството докажува со снимки

Ново рочиште за судењето за убиството на Вања и Панче

Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски биле убиени со ист калибар на куршум од блиску

Горан Наумовски

Додека имало претрес кај братот на Палчо од неговиот телефон има повик кај Вања

Продолжи судењето на убиствата на Вања и Панче, го нема Гоце Трајковски еден од клучните сведоци