Судии и јавни обвинители денеска учествуваат на работилница посветена на „Правото и политиката на заштита на конкуренцијата во ЕУ – искуства и предизвици на Република Хрватска по влегувањето во Унијата“, организирана во рамки на проектот „Спроведување на ЕУ политиката за конкуренција и државна помош во Македонија“.
Директорката на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, Анета Арнаудовска на отворањето на работилницата изрази уверување дека овие обуки ќе придонесат за подигнување на степенот на заштита на конкуренцијата во согласност со европските и меѓународните стандарди.
– Имајќи ги предвид извештаите и препораките на Европската комисија, Академијата во соработка со Комисијата за заштита на конкуренцијата на РМ спроведува континуирана едукација на судството и јавното обвинителство од областа на заштита на конкуренцијата, тргнувајќи од претпоставката дека едукацијата е од клучно значење за системот на заштитата на овие права кои се битни за економскиот развој на секое општество, истакна Арнаудовска.
Обуките, како што истакна Арнаудовска, се една од компонентите за подготовка и оспособување на судиите за правилна примена на ЕУ правото во пракса. Во контекст на тоа, додаде дека е потребно да се почне со обука и на повисоките судови кои ја креираат судската пракса.
Хрватските искуства во однос на примената на правото и политиката на конкуренцијата на учесниците на обуката им ги пренесе претседателот на Комисијата за заштита на конкуренцијата на Република Хрватска, Младен Церовац .
– Комисијата за заштита на конкуренцијата, но и судовите мора дирекно да ги применуваат прописите на ЕУ, односно членовите кои се однесуваат на бизнис договорите и на злоупотреба на доминантната положба, рече Церовац.
Вклучувањето во Унијата, како што рече, значи голема промена. – И во Хрватска во однос на спроведувањето на правата на ЕУ не беше се идеално, рече Церовац и додаде дека подготовката на менталниот склоп е многу битен за нешто ново што се очекува.
Претседателот на Комисијата за заштита на конкуренцијата Благој Чурлинов најави дека по денешната обука за судиите и јавните обвинители ќе продолжат со реализација на обуки за бизнис заедницата и за локалната самоуправа. – Целта на ваквите обуки е учесниците да осознаат повеќе за правото на конкуренција и за доделувањето на државната помош, додаде Чурилов.
Проектот „Спроведување на ЕУ политиката за конкуренција и државна помош во Македонија“ е финансиран од Британската амбасада, Комисијата за заштита на конкурентноста, а е спроведен во соработка со Академијата за обука на судии и јавни обвинители „Павел Шатев“.